Потврдената затворска казна од две години за експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и намалената казна од 6,5 на 4,5 години затвор за поранешниот шеф на набавки во МВР Ѓоко Поповски, денеска стигна во Основниот суд Скопје 1 пред судија за извршување санкции. Печат во Кривичниот суд на пресудата од Апелација е удрен, со што таа стана правосилна.
„Второстепената пресуда за предметот со КОК бр. 59/17 од обвинителството означен како ‘Тенк’ ,од Апелациониот суд денеска беше доставена до Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Пресудата ќе биде распределена на понатамошно постапување кај судија за извршување санкции кој во следниот период треба да изготви упатен акт и да го испрати до странките во постапката“, соопшти Основниот суд Скопје 1.
Според законот, од денеска тече рокот од 2 недели кога Груевски треба доброволно да се јави во затворската установа што ќе му ја одреди судијата за извршување санкции од Кривичниот суд. Поповски веќе е на отслужување на својата казна.
Груевски е осуден во случајот „Тенк“ на СЈО, за незаконито влијание во набавката на луксузниот „мерцедес С-600 гард“ од безмалку 600.000 евра. Поповски е осуден за истиот случај.