Одиме понатаму со крупни чекори, рече премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на Самитот Отворен Балкан денеска во Охрид најавувајќи потпишување нови договори за соработка помеѓу земјите.
„Денеска ќе потпишеме нови договори и меморандуми за соработка. Со взаемното признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните и другите овластени институции во трите земји, ќе ја забрзаме постапката за создавање единствен заеднички пазар на трудот. Отвораме и ново поглавје во нашата соработка во областа туризам. Отворен Балкан заеднички ќе го промовираме како регионална атрактивна туристичка дестинација. Денес лансираме нова соработка и во областа култура. Се договоривме за креирање Заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе ја поттикне културната размена.“ рече премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на Самитот Отворен Балкан денеска во Охрид.
Во Охрид денеска официјално е отворен самитот на регионалната иницијатива Отворен Балкан, на кој присуствуваат претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и претставници од Црна Гора и БиХ, црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, кој ја поддржа иницијативата Отворен Балкан и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, како гостин на самитот.