Владата денеска на седница донесе измени и дополнувања на заклучокот од претходната седница во врска со Договорот за соработка за земјите од Западен Балкан во областа на заемно признавање дипломи и научни степени издадени од високообразовни институции и други овластени институции.
-Согласно измените на заклучоците, потписник на овој договор, кој ќе биде потпишан на Самитот на Отворен Балкан на 8 јуни во Охрид, ќе биде претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, додека од страна на Република Србија договорот ќе го потпише претседателот Александар Вучиќ, а во име на Република Албанија, премиерот Еди Рама, соопшти владата.
Оттаму информираат дека на денешната седница, која се одржала преку видеоконференциска врска, прифатен е предлогот до 31 декември 2022 година да се продолжи рокот на Одлуката за постоење кризна состојба на дел од територијата на цела држава.
-Рокот на одлуката се продолжува поради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на државата и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење пандемија од вирусот ковид-19 и спречување на негово ширење, велат од Влада.