Ковачевски: Обезбедуваме поволна бизнис клима и можност за брза енергетска трансформација на земјата

Премиерот Димитар Ковачевски, во придружба на министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и градоначалникот Костадин Костадинов, денеска во Струмица го посети производствениот погон на компанијата МАКС. При посетата премиерот Ковачевски разговараше со менаџерскиот тим и вработените во врска со искористувањето на успешните владини мерки и политики за стопанството.

Во продолжение е целата изјава на премиерот Ковачевски.

„Убаво е чувството кога ќе се види домашна компанија која вложува максимални напори да биде меѓу најдобрите во Република Северна Македонија. Уште поубаво е чувството кога ќе се видат имплементирани најновите светски технологии и стручен кадар во производствениот процес.

Денеска имав можност да ја посетам компанијата МАКС овде во Струмица и навистина сум импресиониран од нивното работење. Она што посебно ме воодушеви е дека оваа компанија пред 30 година почнала да работи само со еден вработен, а денеска брои 165 вработени, ги следи и применува сите најнови стандарди и обезбедува добро платени работни места. Ова е доказ дека кога се има визија за развој, не постојат граници за исполнување на зацртаните цели, но и доказ за успешно менаџирање на бизнисот, посветена и тимска работа.

Секако дека и ние како држава со носење на политики во интерес и на граѓаните и на компаниите овозможуваме поволна бизнис клима во земјава. Како проевропска Влада ветивме дека ќе ги поддржиме малите и средни претпријатија, со директна државна финансиска помош и со низата мерки, тоа го правиме, на дело.

Во услови на тешка економска и енергетска криза промовираме добро платени работни места, создаваме услови за нови инвестиции, ги враќаме парите кај граѓаните и обезбедуваме ликвидност на компаниите кога е најмногу потребно, како што тоа е случај со компанијата МАКС.

Оваа компанија речиси за сите 165 вработени обезбедува континуиран раст на платите, благодарение на мерката од државата за субвенционирање на придонесите за раст на платите која ја користи во континуитет веќе неколку години.

Компанија е и меѓу првите кои уште пред неколку години инвестираше во фотоволтаици за сопствено производство, но и сопствени финасии, што е навистина за поздравување.

Од страна на менаџерскиот тим бев информиран дека постојано ги зголемуваат инвестициите во нови панели и со тоа сега имаат инсталирана моќност од 1.350 киловат часови електрична енергија, што во услови на енергетска криза им обезбедува поевтина струја која ја користат во производствениот процес.

Оваа позитивна пракса треба да биде поттик и за останатите компании во земјава да го следат примерот и да вложуваат во обновливи извори на енергија за сопствени цели.

Законските измени за олеснување на процедурата за поставување фотоволтаици се веќе во сила, со што комплетно е поедноставена и олеснета процедурата, нема повеќе непотребна бирократија и постапката која претходно траеше и до еден месец, сега е сведена на само еден ден.

Секако крајната цел е сите заеднички да придонесеме за побрза имплементација на трансформацијата кон зелена енергија на Република Северна Македонија и да ја намалиме зависноста од увоз на електрична енергија.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e