Ковачевски: Не смееме како партија да дозволиме членството да го бараме само за избори

В недела, на 12 декември, во СДСМ за вторпат ќе се одржат непосредни внатрепартиски избори за претседател на партијата, на кои со тајно гласање ќе можат да гласаат сите регистрирани членови на СДСМ.
На прашањето „Дали и во која насока имате намера да спроведете внатрепартиски реформи во СДСМ?“, кандидатот Димитар Ковачевски во интервју за Слободен печат одговара:

– Реформи во партијата се нужни и тоа најдобро го потврдува резултатот на последните избори. Оттука, во мојата програма се предвидени промени како во начинот на комуникација со членството, така и во функционирањето на органите на партијата во насока на поголема ефикасност во работењето. СДСМ има голема база на поддржувачи и членови кои се активни, но и многу кои биле активни во минатото, а од одредени причини се пасивизирале. Тие причини се различни, но од моите разговори во рамките на средбите што ги одржувам, може да се групираат во неколку клучни проблеми. Прво, потребна е многу поголема присутност на партиското раководство, но и на функционерите на СДСМ на терен и поблиска комуникација со членовите. Не смееме како партија да дозволиме членството да го бараме само за избори. Второ, партијата мора да изгради систем во кој секој глас ќе биде слушнат и испочитуван. Членовите и активистите на СДСМ одлично ги знаат проблемите и секогаш добронамерно сугерираат кога работите одат во погрешна насока. Не смееме да биде глуви за овие пораки, треба да ги слушнеме и, уште поважно, да постапуваме. Понатаму, партијата треба значително да ги засили органите и работата на телата од најниско ниво, како месните организации, па сѐ до партиските комисии. Во програмата предвидувам сериозна активација на партиските комисии, кои ќе бидат основни тела за развој на политики, проекти и поддршка на институциите. Тука ќе членуваат најкомпетентните партиски членови, но и луѓе однадвор, а идеолошки блиски до партијата. Месните организации ќе се активираат многу повеќе со јасни одговорности и активности, а нивната работа редовно ќе се евалуира. Понатаму, потребно е да ја подигнеме внатрепартиската демократија на уште повисоко ниво. Се залагам претседателите на општинските организации на локално ниво исто да бидат избирани непосредно како и претседателот на партијата. На тој начин ќе ги избереме најпочитуваните луѓе на сите позиции, а со тоа ќе зајакнеме поддршката и кај членовите, но и кај пошироката јавност. Ова се само дел од промените што сметам дека треба да ги направиме, но ако бидам избран за претседател, ќе направам потемелна анализа за состојбите и ќе подготвиме нова политичка и организациска стратегија.

Интервјуто во целост на следниов ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e