„Лидерската средба од страна на Христијан Мицкоски не беше побарана за решавање на проблемите, туку со цел како некаква уцена да се седне и да се договори датум за предвремени избори. Ние како владејачко мнозинство одговоривме дека имаме легитимна влада која успешно се справува со кризите и на која не ѝ се потребни избори“ изјави премиерот Димитар Ковачевски во вестите на Сител ТВ.
Тој додаде дека Владата е стабилна и дека успешно се справува со сите предизвици предизвикани од здравствената, енергетската, како и кризата со растот на цените на светските берзи.
„Изборите се период кога замира економската активност и сите процеси се насочуваат кон организирање избори. Тоа ќе биде дополнителен товар за македонската економија кој не ѝ е потребен“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека Владата од самото нејзино избирање сите важни одлуки ги носи преку дијалог со сите засегнати страни и дека опозицијата е повикана да учествува во сите важни процеси.
