-Конкретно за настанот со М.Ј и С.Р. пропусти има од првиот до последниот. Вистинската вина ја има во двата извештаи, едниот на затвор Скопје, а другиот на Управата за извршување на санкции. Детектирани се пропусти во постапките за работа. Постојат правила за работа по кои лицата не постапувале. Вработените со години правеле грешки и тие им преминале во пракса. Затаи претресот на лицата, отворани се повеќе врати во исто време, нарушена е безбедноста на институцијата.
Внатре кога се случил настанот брзо се реагирало. Помеѓу првиот и вториот настан дел од раководството на затворската полиција по вертикала не презел одредени чекори за да се превенира случувањето на втор настан. Требало да се затворат сите шеталишта, да се повлечат сите групи во соба, да се свика итен состанок во дежурната канцеларија, вели во интервју за порталот мкд.мк директор на Истражниот затвор во Шутка е Ѓоко Котевски.
Ве известија по првиот инцидент?
Телефонски бев известен и кога прашав што е преземено, ми одговорија дека имало само усно известување лицето да се однесе на лекар и да се земат изјави. Се случи и втор настан и одговорниот е тој што дента не превенирал да се случи вториот немил настан. Тој е суспендиран и отворени се 11 постапки и ќе се поведе и уште една постапка. Вториот Извештај на Управата за извршување на санкции детектираше работи што посочуваат на друга одговорност и таа дополнително се разгледува.
Чувствувате ли одговорност за инцидентот и дали самиот ќе поднесевте оставка ако тоа од Вас не го побараше премиерот Заев?
Не можам да одговорам на тоа прашање. Од тогаш до денес чувствата ми се измешани и многу работи ги гледам од различна перцепција. Чувствувам одговорност од аспект дека не сум се борел доволно да ја наметнам потребата институцијата да биде видлива во очите на Министерството за правда и Управата за извршување на санкции, иако сите чинители кажуваат дека постојат сериозни проблеми во делот на кадарот.
Можеби не сум се борел доволно во делот на правдата да им се наметнам на Владата на Република Северна Македонија, на Управата. Искрено, сега работите ги гледам од друг агол и сфаќам дека со ставањето на работите под тепих ништо не се решава. Можеби и една од работите нотирана како пропуст е намалената комуникација во вертикалата. Но нам непобитен факт ни е дека М.Ј. три недели беше тука и шеташе со истите тие лица од групата. Од каде да знаеме дека не се договориле меѓу себе за да се случи инцидент, за да го оправдаат тоа дека Груевски ќе биде небезбеден овде и дека затоа побегнал? И лицата што ги гледаа снимките потврдија дека тоа е нешто што е монтирано, инсценирано и плански направено.
Го осудувам инцидентот и можам да дополнам дека, според мене, сето тоа беше направено за да му се остави отворена врата на Груевски за да нема екстрадиција. Но што ќе правиме сега кога допрва ќе треба да одговара за настаните од 27 април?
Никола Груевски се пожали дека за него имало план да биде ликвидиран кога ќе биде во затвор. Еве да речеме, ако издржуваше затворска казна во ќелија во Шутка, бидејќи засега има само една пресуда што според законот му наложува престој овде, ќе беше ли безбеден?
Да, апсолутно ќе беше безбеден Никола Груевски, бегалецот од правдата. Ако дојде и ако овде треба да одлежува затворска казна, гарантираме дека нема да има негова ликвидација. И од кого би бил ликвидиран? Еве овде беше и Ангеле Зафировски, познат како Бате Геле, кој издржуваше затворска казна, и ништо не му се случи.
Повеќе прочитајте на следниов ЛИНК.
