Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ негира дека мерките што ги претставува Владата и оние кои се донесени, личат на предизборие, откако вчера лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ излицитира два датуми, крајот на април и крајот на мај, а претходно, премиерот Зоран Заев, претходно кажа дека можни се избори во октомври 2020.
– Навистина е чудно кога цели 11 години, претходната криминална власт, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски реализираше мерки, исклучиво пред избори, популистички, со цел, на тој начин да придобијат некакви гласови од граѓаните. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, оваа влада предводена од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија и Зоран Заев, се грижи секогаш, дури и надвор од изборен период, што треба да биде пракса, за оваа но, и за сите идни други влади да ги спроведува мерките и политиките кои што се од интерес на граѓаните и вон изборен период. Таква е и мерката за враќање на 15% од данокот за додадена вредност, таква мерка се и картичките за зелена нафта, каде што земјоделците ќе добиваат дури за 30 проценти поевтина нафта за потребите на земјоделската механизација, но такво е и зголемувањето на социјална помош од 300 проценти, која што ќе ја добиваат случаите на кои што им е навистина неопходна помошта и поддршката од државата. Такви се и многу други мерки кои што ги реализираме. Дел од нив ги напоменав, кои се изреализирани само во минатата недела, но многу сериозно и одговорно најавуваме и дополнително нови мерки, кои што ќе бидат од интерес и на граѓаните и на државата. Во однос на изборите, знаете дека опозицијата бараше избори што поскоро, па сега моли бога да не ги добие. Знаеме дека лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера лицитираше со некои датуми април-мај. Се надеваме дека во рамки на демократска атмосфера ќе се случат разговори помеѓу политичките партии и ќе се одреди термин за евентуални предвремени парламентарни избори. Знаеме дека периодот кој што ни следува, почнувајќи од октомври, оптимисти сме и веруваме дека ќе добиеме датум и ќе започнеме преговори со Европската Унија и ќе се отвори она прво поглавје. Знаеме дека до крајот на годината ќе влеземе и ќе станеме 30-та земја членка на НАТО и сето тоа се потврди кои што треба да ни бидат мотив, да продолжиме со политиките кои што ги спроведува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, вели Костадинов.
Според него, Христијан Мицкоски буквално побегна од лидерска средба, која што беше убава можност да се отворат повеќе прашања, меѓу кои се и законот за Јавно Обвинителство, законот за попис, избирачкиот законик.
-За жал, сите бевме сведоци, дека буквално Христијан Мицкоски побегна од лидерска средба, веројатно треба него да го прашате зошто побегна. Во однос на избирачкиот закон, работните групи се состануваат. Од она што го знам, луѓето кои се во преговарачките тимови, разговорите одат во добра насока, од она што сум запознаен дека во периодот кој што ни следува, ќе се отвори прашањето за изборниот модел, ќе се отвори прашањето за преференцијалните листи кои што имаме намера да ги спроведеме, и секако, треба да имаме предвид, дека тие разговори се водат под надзор и во согласност со членови од ОДИХР, вели Костадинов.
Според пратеникот, програмската определба на СДСМ е дека треба да има една изборна единица, дека треба да имаме отворени листи, што всушност претставува и преференцијалниот избор.