Повикот со кој домашните компании ќе може да конкурираат за финансиска поддршка со мерките од третиот столб на владиниот План за економски раст ќе биде објавен в среда следната недела, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Како што потенцираше, во тек на огласот, по кој ќе следат и други за таа намена, компаните ќе може да аплицираат за добивање финансии.
– Првпат оваа година утврдивме значителни средства за мали и средни претпријатија и веќе в среда ќе биде презентиран првиот повик за мали и средни претпријатија на кој државата ќе определи значителни средства за да им помогне на претприемачите, рече Анѓушев, кој денеска беше член на жирито на натпреварот на старт-ап идеи што се одржува на Саемот на ИТ фирми, во рамки на Дигиталниот самит за Западен Балкан во Скопје.
Како што најави претходно директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Јован Деспотовски, повикот ќе трае 45 дена, а евалуацијата на проектите на фирмите треба да биде завршена до 60 дена. Со третиот столб од владиниот План, најголема финансиска поддршка е предвидена со мерката број три за поддршка на развој на иновативни продукти и услуги.
Спорд најавите, примената на мерките од владиниот План ќе ја следи работна група со претставници од Кабинетот на Анѓушев, ФИТР, Министерството за економија и трите стопански комори.
Извор: Либертас