Честитка по повод празникот Курбан Бајрам до поглаварот на Исламската верска заедница упати комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
– Ви посакувам празникот да го поминете во хармонична и весела атмосфера. Принесувањето на жртва-курбан и дарувањето да ви ги отворат срцата кон Бога и да ви донесе многу здравје, радост и мир во Вашите домови и во домовите на Вашите најблиски – напиша меѓудругото во честитката Валентина Божиноска, директорка на комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
Курбан Бајрам е голем исламски празник. На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах. Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан која има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност за тоа. Оние кои принеле жртва, потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да се поклонат на Светата Ќаба во Мека.