Колку пари се одлеани од државната каса за кандидатурата на Керим за прв човек на ООН?

По четвртиот круг од гласањето за кандидатите за нов Генерален секретар на Обединетите Нации што се одржа вчера, македонскиот кандидат Срѓан Керим се искачи на четвртата позиција. Пред него и натаму убедливо на првото место е Португалецот Антонио Гутјереш, зад него е словачкиот кандидат Мирослав Лајчак и на третото место според бројот на гласовите на последното гласање е кандидатот од Србија Вук Јеремич. – пишува Фактор.

Срѓан Керим, дипломат и бизнисмен, е македонски кандидат за функцијата Генерален секретар на ООН на предлог на Владата. Кандидатурата беше објавена на 19 септември минатата година.

Образложението на Владата беше дека Керим е вистинскиот човек за оваа функција и дека за мала земја како Македонија е од особена важност да има кандидат за Генерален секретар на Обединетите нации. Тоа би било големо признание за македонската дипломатија во светски рамки, ако се знае дека да се биде прв човек на оваа организација не е само најпрестижно достигнување туку и една од највлијателните позиции во меѓународната заедница.

Во време кога беше објавена кандидатурата Керим се уште беше на менаџерската позиција во весниците на „Медиа принт Македонија“ (МПМ). Неколку месеци подоцна тој си замина од МПМ, а во февруари се вдоми во Владата како советник на премиерот Емил Димитриев.

Парите за промоција на Керим ги кешира МНР

Финансирањето, логистиката и лобирањето во трката за прв човек на Обединетите Нации Керим ги добива од државната каса, односно од буџетот на Министерството за надворешни работи. Колку пари досега се потрошени за промоција на македонскиот кандидат засега се држи во тајна.

Пратеничката од СДСМ, Лидија Димова, од собраниската говорница ова прашање му го упати на премиерот Димитриев.

„Колку пари се потрошени и вложени во кампањата за Срѓан Керим да биде претставник на Македонија за Генерален секретар. Колкумина има неговиот тим? Дали во моментот кога земавте бизнисмен да го понудите како кандидат од оваа држава, склучивте некаков договор со него особено ако ја знаеме практиката на вештината на ставање 750 илјади евра во шише? Исто така ако се знае дека господинот Керим е познат по неговиот екстравагантен вкус и во сите овие држави каде што патува троши државни пари и сметам дека е многу корисно ако одговорите точно колку пари се ставени во таа функција и дури сметам дека ќе биде многу корисно за јавноста ако побарате Државниот завод за ревизија да направи ревизија токму на овие средства што се потрошени за господинот Керим.“, побара одговори пратеничката Димова.

Премиерот Димитриев, кој сега му е шеф на Керим, рече дека е малку изненаден од контекстот како опозицијата гледа на целиот процес околу изборот на Генерален секретар и околу кандидатурата на Република Македонија преку Срѓан Керим за оваа позиција. Димитриев бил задоволен од досегашната позиција во трката, со оглед дека Керим добива се повеќе поддршка од земјите кои се во Советот за безбедност и гласаат за него.

„Околу трошоците јас можам да ви кажам дека за сега трошоците ги покриваме од Буџетот на МНР. Целата работа околу избор на Генерален секретар не е завршена и можеби е добро кога ќе заврши целата процедура да ги кажеме трошоците кои што биле потрошени за нашата кандидатура“, рече Димитриев, кој додаде дека сите кандидати лобираат, гостуваат во други земји и ги промовираат своите програми.

Целиот текст прочитајте го тука.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e