Повторно стапуваат на сила мерките за намалување на загаденоста на воздухот.
Како резултат на зголемувањето на присуството на ПМ10 честички во воздухот на метар квадратен, Град Скопје и Владата одлучија да има бесплатен автобуски превоз, а ќе биде зголемен и бројот на автобуси, мерка која на дневна основа ќе го чини градот седум милиони денари.
Воедно донесена е одлука на територијата на Град Скопје да запрат сите градежни активности. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ги повика сите останати општини да ги спроведат истите мерки.
Првиот човек на градот најави дека ќе продолжи чистењето и перењето на улиците со засилено темпо. Со одлука на Влада, се препорачува бремените жени и лицата постари од 60 години и хронично болните да бидат ослободени од работни обврски.
Се препорачува од работа да бидат ослободени и лицата кои работат на отворено од 11 до 17 часот. Министерството за внатрешни работи ќе ја спроведе одлуката за режим на сообраќај за тешките товарни возила, чија релација не е Скопје. Со тоа на тешките товарни возила нема да се дозволи влез во главниот град.
„Согласно Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 200 мg/m3 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, Ве информираме дека истиот е надминат во Скопје на мерните места Лисиче и Ректорат“, велат од Влада.
Инаку од сабота вечер до попладневните часови во неделата апликациите кои го покажуваат квалитетот на воздухот, а влечат податоци од Министерството за животна средина не беа активни. За ова побаравме објаснување од министерството, но сепак одговор не добивме.
Извор: ТВ21