Колку е опасен афлатоксинот, поради кој втор пат се повлекуваат млечни производи

Повисока концентрација на афлатоксини од доволеното е причина што деновиве во два наврати се повлекуваат од пазарот одредени млечни производи во земјава.

Последната информација е дека од пазарот се повлекува јогурт „Балaнс плус“, во пакување од еден литар, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство. Била испратена количина што не е наменета за македонскиот пазар, и е со неусогласена концентрација на афлатоксини, што според надлежните е потенцијален ризик по здравјето на луѓето.

Проф. д-р Никола Пановски, микробиолог и претседател на Мултисекторката комисија за контрола на антимикробна резистенција во изјава за Нова Македонија смирува дека нема опасност од поголемата концентрација на афлатоксинот во млекото.

– Афлатоксинот го произведеува мувлата, која се вика аспрегилус флавус (Aspergillus flavus). Од тука доаѓа името афла. Таа се наоѓа во предели со влажни услови, а често знае да се најде во силосите каде што се чува житото. Потоа, ако го дадат тоа жито на кравите, најчесто пченка, се случува во млекото на кравите да се јави тој токсин во поголеми концентрации. Тој токсин секогаш го има во мали концентрации, но треба многу, многу да се конзумира, па за да се појави реакција кај човекот. Граѓаните нека не се плашат, да си речат: леле, испив една чаша, сега што ќе ми стане. Ништо нема да им стане. Треба години, години да го пијат, па да се покаже некаков симптом – објаснува доктор Пановски.

Пред помалку од две недели од малопродажба се повлекоа 20 тони УХТ трајно млеко МИЛКАНО – 3,2 отсто, увезено од Босна и Херцеговина, поради утврдено присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените количини од 0,05 микрограми на килограм, согласно македонските прописи. 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e