До редакцијата на 1ТВ пристигнаа сериозни сомневања за манипулации со граѓаните во бизнисот со флаширана вода. По вчерашната најава дека тимот новинари на 1ТВ ќе ги истражува информациите дали некоја од компаниите на македонскиот пазар кои се занимаваат со флаширана вода, всушност продаваат филтрирана вода од чешма – сомневања кои кружат и на светско ниво – до нашата редакција се јавија повеќе загрижени граѓани, заинтересирани за квалитетот на водата, која се продава на македонскиот пазар.
За таа намена, 1ТВ, како што веќе најавивме, ќе достави мостри од 24-те брендови кои можат да се најдат на пазарот, на испитување во Институтот за јавно здравје. Веднаш по пристигнување на резултатите, ќе ги објавиме анализите со што на граѓаните ќе се запознаат детално за квалитетот на производите од бизнисот, кој во Македонија рапидно расте.
Со производство на вода се занимаваат 26 компании од кои 13 се домашни. На пазарот се присутни и компании од Србија, Хрватска, Грција, Италија и Косово. Наспроти препораките на здравствените организации и работници да се избегнува консумирањето на флаширана вода од неколку причини, растечката продажба во Македонија го наметнува прашањето, дали граѓаните се свесни за квалитетот и останатите аспекти на производите кои ги купуваат.
Светската здравствена организација, пред еден месец најави дека ќе изготви преглед на потенцијалните ризици од пластиката во водата за пиење. Извештајот на СЗО треба да даде проценка на најновите истражувања за ширењето и влијанието на микропластиката, односно за честичките од пластика кои се доволно ситни и кои можат да се проголтаат со водата за пиење. Оваа анализа следи откако новинарската организација „Орб Медиа“ најде честички пластика во главните брендови на флаширана вода. Нема доказ дека микропластиката може да го поткопа здравјето на човекот, но СЗО сака да ги процени овие податоци.
Против растечката продажба на флаширана вода се мобилизираше и Европската унија. На почетокот на годината, Европската комисија најави промени во правилникот за квалитет на вода за да спречи нови можности за опасност по здравјето на луѓето и да го ограничи пластичниот отпад. Планот на ЕУ е да ги одврати жителите од консумирање флаширана вода, а новите правила ги обврзуваат земјите членки да обезбедат подобар пристап до вода за пиење.