борот Македонија му беше кошмар, сега може мирно да спие и весело да слави. Потпис од двајца министри за надворешни работи и подадена рака за пријателство е подарокот кој го доби Метју Нимиц за својот 79 роденден. До пред само една година изгледаше дека е невозможно да се најде решение за спорот, а денеска со роденденска песна го проследи свечениот момент на потпишување договор.
„Годинава на моето семејството им реков дека за роденден не сакам подароци зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок. Мојата работа е завршена, сега останува на лидерите од двете земји“ – рече медијаторот Нимиц.
Метју Нимиц во изминативе години беше најпопуларниот странец во Македонија и Грција, но не по добро. Во двете држави беше гледан како полицаец кој се обидува да им напише високи казни на возачи кои стојат во место. Денеска со брз глисер стигнаа до местото на кое полицаецот доби орден за успешно завршена кариера. И песна за среќен роденден. Критикуван и обвинуван, многу пати сакал да се откаже од спорот.
Кој е човекот во речиси осмата декада од својот живот чија истрајност дочека решение на навидум нерешливиот спор. Метју Нимиц, Американец со врвно образование кој од 1994 година бара решение за името. Почнал во приватниот сектор, а во 1977 година влегол во политиката кога претседателот Џими Картер го именувал за советник во Стејт Департментот. Со скок во кариерата, две години подоцна е поставен за потсекретар со надлежности околу безбедносната помош која САД ја давале на други земји. Со заминувањето на претседателот Џими Картер во 1981 година, и Нимиц заминува од политиката.
До 1994 Нимиц работел во познати адвокатски канцеларии на високи позиции. Со доаѓањето на власт на демократската партиja во Америка, тој се враќа во дипломатијата. Истата година Бил Клинтон го поставил за личен специјален пратеник во спорот меѓу Македонија и Грција. На таа функција останал до ноември 1997 година кога го добил местото во Обединетите Нации на медијаторот Сајрус Венс и станал главен медијатор во процесот. Во изминатите години се менуваа властите и преговарачите, а Нимиц неколку пати имал намера да се откаже од позицијата. За медијаторската улога во спорот со Грција, Нимиц работеше за симболичен еден долар плата. Со заработени цели 24 долари во својата медијациска кариера, Нимиц беше еден од најкритикуваните странци во двете земји. Денеска дури и оние кои до скоро упатуваа тешки критики, му ја испеаја роденденската песна.
Извор: 1ТВ