Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска во Виена ќе се сретнат со медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц во обид да се постигне компромис во повеќегодишниот спор околу името.
Во Њујорк е соопштено дека Нимиц ќе им „асистира на двете страни во изнаоѓање заедничко прфатливо решение за прашањето со името“. Македонската влада се надева дека решение би можело да биде постигне во текот на оваа година. Нимиц во минатиот месец изјави дека е „оптимист“, но оти „се уште има тешки прашања за решавање“. Неколку можни имиња се во игра, а најмногу се спомнува Горна Македонија.
Европскиот комесар за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, во вчерашното обраќање, изрази оптимизам дека грчкиот спор во врска со името на Македонија би можел да се реши во следните 15 дена.
– Јас сум оптимист дека во следните две недели ќе имаме решение. Барем решение кое ќе го отвори патот за почеток на разговорите за пристап со ПЈРМ. Мислам дека сите се согласуваат дека ова ќе биде корисно за земјата, за општеството и целиот регион на Западен Балкан – изјави тој пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.