Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за започнување на Проектот за изградба на комплекс Универзитетски клинички центар на локација во општина Карпош, и го задолжи Министерството за транспорт и врски, и соодветните институции и општина Карпош, да извршат измени во урбанистичките и катастарските и други планско урбанистичко – проектни документи за 2018 година.
Со оваа одлука на Владата, Министерството за здравство треба да му препорача на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, да формира Стручна комисија и да спроведе јавен конкурс за идејно решение на дел од комплексот Универзитетски клинички центар.
На владината седница е утврден Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства. Овој предлог за ново законско решение има за цел обезбедување на сигурни, квалитетни и безбедни лекови за потребите на пациентите во Република Македонија од паралелен увоз, обезбедување на лесно достапни податоци за лекот на надворешното пакување за здравствените работници, како и пофункционално и поефикасно работење на Комисијата за цените на лековите.