Судскиот процес со кој во Македонија треба да се вратат 800 милиони швајцарски франци е во тек и го води Специјалното јавно обвинителство, а парите веќе се блокирани на сметка во швајцарска банка, дознава ТВ 24.
Сепак официјално од обвинителството на Катица Јанева комплетен молк. За враќањето на парите јавно проговори министерот во оставка Самка Ибраимовски во емисијата „Мој термин“ на ТВ 24. Според Ибраимовски се чека само уште една пресуда за бројчаникот наскоро да почне да врти.
„Ќе мора да врти, сакале или нејќеле, тие 800.000 се лоцирани, чекаат само една пресуда. Не сакам да ги именувам личностите, тогаш ќе се именуваат, од кај се дојдени парите, кој ги зел…Ова е само еден дел од парите, има уште. Парите се лоцирани во Швајцарија“, изјави Самка Ибраимовски, екс министер без ресор.
Владата не ја коментира изјавата на Ибраимовски.
„Владата на Македонија е носител на извршната власт во државата и не навлегува во толкувањата на изјави кои може да бидат во корелација со останатите столбови на власт, било да е правосудство или законодавна власт. Владата се залага за владеење на правото и правната држава“, велат од Владата.
Пред две години директорот на “Глобал Фајненшл Интегрити” Том Кардамон во ексклузивно интервју за ТВ 24 изјави дека 5 милијарди американски долари се нелегално изнесени од Македонија.
Според статистиките на организацијата, оваа сумата била изнесувано етапно во периодот меѓу 2004-та и 2013-та година повеќе. Ваквата статистика се најде и во официјалниот извештај на “Нелегални финансиски одливи од земјите во развој“ истата година.
Според „Глобал Фајненшл Интегрити“потеклото на овие пари е од поткуп и корупција на функционери, даночно затајување, трговија со дрога, оружје и луѓе, но и од финансирање на тероризам и други илегални активности. Парите најчесто се слеваат на сметки во даночните прибежишта како што се Белизе, Сејшели, Лугано, Свети Винсент и Гренадини, Маврициус, Панама и други.