Општина Центар од 2018 детално ќе го чешла проектот Скопје 2014..Во моментов се врши проверка на споменикот на Ќосето, кој беше подарен од здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Се проверува и изградбата на споменикот на Мајка Тереза, Градската куќа заедно со хотелот кој се гради и мостот Око.
Од наредната недела во соработка со Град Скопје ќе почне и процедурата за уривање на терасата на палатата на ВМРО-ДПМНЕ, за која претходното раководство на градот се прогласи за надлежно и општина Центар не можеше да интервенира.
„Пробувавме да ги совереме сите правни аргументи за да докажеме дека тоа е тврдаградба вон парцела и дека се што е вон парцелаи нема одобрение за градба, е дивоградба. Ја менуваа процедурата изаконот за да докажат дека не е така.“ – вели Саша Богдановиќ, градоначалник на општина Центар.
Буџетот на општината според најавата на градоначалникот ќе биде носен во две фази, првата фаза како предлог која ќе заврши до 5. декември, а до 20. декември веќе ќе биде донесен буџетот на општината. Од утре, граѓаните ќе можат директно да даваат предлози за развивање на општината, а тоа ќе биде вметнато во предлог буџетот.
Богдановиќ од неговиот претходник, Жерновски наследил еден кредит кој бил земен за изградба основното училиште во Капиштец, а имало уште еден кредит кој го земал Владимир Тодоровиќ за изградбата на катната гаража во која е сместено претпријатието Паркинзи општина Центар. Пари за прослава на Нова година нема да има. Планираните 6 милиони денари ќе бидат искористени за социјалните случаи, а прослава ќе има доколку ја платат само спонзорите.