Би бил поспокоен ако парламентарното мнозинство порасне повеќе од 62, 63, 65…Но, не форсирам ништо, бидејќи тоа треба да биде резултат на природeн спој заради визија, концепт и програмски определби, вели премиерот Заев
Може ли со минус два пратеника Владата да има стабилно мнозинство? Според премиерот, стабилноста не е доведена во прашање. Во интервју за ТВ „Алсат-М“, тој потсети дека опозициската коалиција веќе ја напушти пратеникот Амди Бајрам, а Чедомир Саздовски кој влезе во парламентот како пратеник на ГРОМ и ја напушти опозицискатата коалиција, веќе не е „независнен пратеник“ туку дел од мнозинството и повторно ќе биде дел од органите на СДСМ, партијата во која и претходно членувал.
Отворени вратите за ДПА
Она што ја интересира јавноста е дали Владата смета на поддршка од ДПА? Заев потсетува дека со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, разговарале уште пред локалните избори, на средба за која јавноста и официјално беше информирана.
„Тогаш побарав поддршка за сериозните реформи кои претстојат, и кои течат. Тој изрази поддршка за се што е добро за Македонија. Главна филозофија е дали го поддржуваме главниот концепт преточен преку реформите, преку економското унапредување на квалитетот на живот на граѓаните и за главните стртатегиски цели – ЕУ и НАТО. Така што, вратите се отворени и за ДПА. Верувам дека со многу пратеници, па и со двајцата на ДПА имаме исти погледи на иднината на Македонија“, рече Заев. Но, не прецизира дали и во моментов се водат конкретни разговори за влез на ДПА во владината коалиција.
„Но, тоа не зависи само од нашата желба. Треба да има согласност и од коалицискиот партнер (СДСМ-н.з.). Доколку има согласност, ние би отстапиле ресор за кадар од ДПА“, изјави висок функционер од ДУИ.
ДУИ засега назначи само нов заменик – министер во ресорот образование, откако претходниот стана градоначалник на општина Чаир. Но, не назначи нов министер без ресор задолжен за странски инвестиции, откако Рамиз Мерко стана градоначалник на Струга. Дали ова значи дека се уште се држи отворена вратата за влез на ДПА во Владата? Извори од владината коалиција тврдат дека за тоа ќе се разговара по новогодишните и божикните празници, и дека зависи од многу фактори, но не прецизираат кои.
Џафери го чека враќањето на опозицијата
Засега може само да се претпостави дека тоа најмногу ќе зависи од враќањето и конструктивноста на опозицијата во парламентот. Таа реши да го продолжи бојкотот на Собранието откако судот го продолжи притворот за нејзините шест пратеници. Претседателот на Собранието, пак, очекува опозицијата да се вклучи во работата на парламентот од 9-ти јануари, кога ќе биде закажано продолжение на седницата за прдлог-законот за употреба на јазиците, за избор на уставни судии, а во деновите потоа и за ратификување на Договорот со Бугарија, избор на нов состав на ДИК и т.н. Во контекст на соработката и инклузивноста, пратениците не ги изгласаа измените на Законот за заштита на сведоци, кој го бараше Специјалното јавно обвинителство. Џафери, потврди дека не се гласало за овој предлог-закон бидејќи не бил усогласен со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој најави дека е изготвена драфт верзија на Деловникот за работа на Собранието што заедно со Етичкиот кодекс треба да се разгледуваат во рамки на процесот „Жан Моне“, на средба на претставници на пратеничките групи, која се очекува да се случи во околината на Париз на 25 и 26 јануари.
Извор: Дојче веле