Државниот санитарен и здравствен инспекторат времено забрани Катлановска бања да прима нови пациенти. Забраната доаѓа откако инспекцискиот надзор покажал дека бањата не поседувала дозвола за вршење на здравствена дејност, а освен тоа тројца лекари од странство ортопед, дефектолог и анестезиолог без лиценца и дозвола од македонските здравствени власти работеле со пациенти.
Се додека не биде обезбедена дозвола, инспекторатот забранува медицинско лекување на пациентите. Оние пак што моментно се на лекување, ќе останат до крајот на третманите.
„Се што опфаќа здравствена дејност, значи специјалистички прегледи, прегледи од мој термин можете да добиете информации од Фондот за здравство. Тие дејности се забранети се додека за истите не се обезбеди дозвола за вршење здравствена дејност од Министерство за здравство“ – вели Ирина Бухова – Директорка на ДЗСИ.
За тоа како воопшто Катлановска бања работела сите овие години и како Фондот за здравство склучувал со неа договор за лекување на пациенти – од здравствениот инсекторат велат дека одговор треба да даде Фондот за здравство.
Од Фондот пак денеска одлучија да молчат. Освен здравствените инспектори, работата на Катлановска бања ја чешла и Финансиска полиција. Оттаму велат дека по пријава на здравствениот инспекторат излегле на терен и веќе отвориле предистражна постапка.
„Управата веднаш во рамки на своите надлежности пристапи кон отворање на предистражна постапка, излезено е на терен и секако направени се првични проверки за евентуално потврдување на сознанијата за неправилности.“ – велат од Управа за финансиска полиција.
Последниот надзор во Катлановска Бања бил извршен минатото лето, но тогаш инспекторите не евидентирале дека работи без дозвола. Сопствениците на Катлановска бања втор ден молчат во врска со скандалот. Тие и денеска не одговорија на нашите прашања.
Извор: 24ТВ