Камчев денеска сведочел за „Рекет“

Бизнисменот Јордан Камчев, кој формално ја поднесе кривичната пријава за случајот „Рекет“, денеска дал исказ во обвинителството за гонење организиран криминал, во својство за сведок. Информацијата ја потврдија од службата за односи со јавноста на обвинителството. Други детали не соопштуваат.

Досега на распит во Обвинителство за случајот „Рекет“ беа и второосомничениот Зоки Кичеец, кој се бранел со молчење, а исказ во својство на сведоци дадоа и обвинителите од СЈО Елизабета Јосифоска, Лиле Стефанова, Бурим Рустеми, како и шефицата на кабинетот на Јанева. Минатиот вторник во својство на сведок беше повикана и специјалната јавна обвинителка, која ден потоа стана осомничена и притворена за „Рекет“.

Од Обвинителството велат дека се преземаат дејствија, но се уште немаат конкретен одговор, како викендов протече факсимил од првата страница од записникот од сведочењето на бизнисменот Јордан Камчев кога ја поднел кривичната пријава, кој го објави порталот „Инфомакс“.

Инаку објавената една страница од записникот, со датум од 2 мај 2019, започнува со цитат од Јордан Камчев:

„Јас од месец септември 2018 година до некаде 10 април 2019 сум постојано уценуван од група на луѓе кои од мене изнудија голема сума на парични средства.“

Од објавениот факсимил може да се прочита дека Камчев пред Русковска тврдел дека историјатот на контактите со Бојан Јовановски и Зоран Милевски (осомничени во „Рекет“) започнува од септември 2018 г. кога Боки 13 првично му нуди „фиктивен проект за продажба на права за некаков тип на Fashion Mall“. На вториот состанок, според Камчев, Боки 13 донел „тип на договор кој беше потпишан од директорот на таа компанија за франшиза, а тоа е синот на обвинителката Катица Јанева“. Камчев вели дека му биле побарани 4 милиони евра за „ноу-хау“ и дека тој сфатил оти станува збор за фиктивен проект, па го одбил.

Следувал и втор обид од Јовановски, овој пат да му продаде „ексклузивна лиценца за старечки домови, од некоја европска асоцијација“, за која Камчев би добил ексклузивитет за територијата на Скопје.

„Јас сфатив дека се работи за земање рекет од страна на Бојан, затоа што тој претходно веќе измамил двајца луѓе со истиот договор за лиценца за старечки домови“, се цитира Камчев во објавениот записник и притоа наведува дека мисли на Силјан Мицевски од Битола и роднина на Фијат Цаноски од Струга.

Во текстот на „Инфомакс“ има и други цитати од записникот, но нивната содржина не може да се провери зашто е објавен факсимил само од првата страна на документот.

Бизнисменот Камчев кој го пријавил и сведочи за рекетирањето, е и осомничен во предметот „Империја“ на СЈО. За рекетирањето, Обвинителството ги товари Боки 13 и Зоки Кичеец дека преку трговија со влијание кај шефицата на СЈО – Јанева искеширале милион и пол евра од Камчев, со цел да му се олесни положбата како осомничено лице во „Империја“. Обвинителството засега има цврсти докази дека од рекетот, кај Јанева завршила само гарнитура во износ од 5 000 евра.

Извор: 360 степени

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e