СДСМ уште во изборната програма во 2016 ја најави потребата за промена на изборниот модел со една изборна единица. Ова е еден конзистентен став кој го има СДСМ и впрочем јавно се кажува поддршката која се дава и од помалите политички партии по ова прашање, вели пратеничката од СДСМ Снежана Калеска Ванчева.
Таа смета дека до сега немало можност за измени во изборниот законик, но сега, непосредно пред изборите има можност за нешто такво.
-СДСМ и коалицијата дојдоа на власт 2017 година, знаеме што се се случуваше во нашиот општествено политички живот овие 2 и пол години. Немаше ниту простор ниту време за да може сериозно да се постапи кон припрема и измени на изборниот законик. Независно што се потребни 61 глас, секогаш промената на моделот добро е да има целосен консензус бидејќи не е само легалноста туку легитиметот и верноста на моделот. Не беше созреан моментот, но сега мислам дека е време за тоа, вели Калеска Ванчева.
Поддршка за промена на изборниот модел во една изборна единица дадоа и пратеничките Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, иако тоа е спротивно на ставот на нејзината партија, како и пратеничката од независната група Нола Исмајлоска Старова.
Поранешниот генерален секретар на Собранието Александар Новаковски исто така се изјасни дека е промена за изборниот модел во една изборна единица, но смета дека нема време за нов законик пред предвремените парламентарни избори.
-Има одредени анализи кои треба да се извршат. Нема да се стигне до 12 април бидејќи најглавната работа е да се добие ефективен парламент врз основа на посебни анализи и да им консензус, тој консензус засега не го гледам, вели Новаковски.