Пратеничката од редовите на владејачкото мнозинство, Снежана Калевска Ванчева во денешната дебата во емисијата Топ тема изјави дека ВМРО-ДПМНЕ со тоа што не се согласуваат со предлог законот за Јавно обвинителство не сакаат да ја тргнат политиката од судската власт. Калевска Ванчева смета дека не треба да се исполни барањето на опозицијата, нов јавен обвинител да биде избран од политичка партија бидејќи со тоа повторно ќе се вратиме во времето кога како што вели, имало партизирано обвинителство.
– Со новиот закон за ЈО треба да ја тргнеме политиката од судската власт, а не повторо да се враќаме назад. Точно е дека преговаравме долго време за законот за ЈО и на крајот стигнавме до еден закон во собраниска процедура во кој навидум отворивме расправа, но наидовме на камен на сопнување, вие упорно тврдите дека треба да биде избран друг обвинител на предлог на опозицијата. Наместо да одиме напред и да кажеме дека политиката дефинитивно треба да ги тргне рацете од правосудниот систем, ние треба да се враќаме назад. Имавме 2 алтерантиви, да прифатиме обвинител кој ќе биде предложен од политичка партија и да прифаќаме пропаѓање на се она што беше сработено од страна на СЈО или да кажеме тука е црвнета линија. Ние го кажавме тоа. Убедена сум дека мораше тука да го направиме тоа. Подадовме рака во клучни работи, за некои закони опозицијата навистина беше конструктивна, но нема поместување на црвените линии во однос на решавање на проблемот организираниот криминал и корупција, вели Калевска Ванчева.