„Јас не сум ја отворил вратата на парламентот. Точно е дека бев во ходникот: Дали е тоа забрането? Јас имам право да се движам слободно насекаде низ Собранието. Ја видов снимката и не гледам од каде е изведен заклучок дека јас сум ја отворил вратата. Се е шпекулација. Истрагата ќе покаже кој го сторил тоа“.
Ова за Дојче веле на 23 мај годинава го изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, откако телевизиите „Телма“ и „Аласат-М“ ја објавија снимката која сведочи за внатрешното движење во парламентот неколку минути пред во него да влезат демонстрантите и првите минути потоа. Како што објавија телевизиите, на снимката се забележува дека двајца пратеници, идентификувани како Крсто Мукоски и Сашо Василевски, ги отстрануваат металните држачи кои ги блокираат вратите, по што демонстрантите масовно влегуваат во Собранието. Пратеникот Василевски одби да го објасни неговиот придонес во настаните од 27-ми април. Покрај Мукоски и Василевски, снимката открива дека во критичниот период пред вратите биле „активни“ и други пратеници на ВМРО-ДПМНЕ – Љубен Арнаудов, Илија Димовски, Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска.
„Во парламентот има камери на секој агол. Нека има истрага, таа нека утврди дали некој има вина. Сѐ што правам е за Македонија. Не бегам никаде. Ако има истрага, ќе кажам што треба“, рече Арнаудов.
На забелешката дека снимката е многу јасна, рече дека не е се така како што изгледа, а тоа го илустрираше со анегдота.
„Човек молзел крава, а таа постојано го клоцала канчето со млеко, па морал да и ја врзе едната нога, а потоа и другата. Но, бидејќи била немирна, на крајот и ја врзал и опашката, за што се послужил со каишот од панталоните, па тие му паднале. Кога неговата сопруга го затекнала со паднати панталони, и рекол: мисли што ќе мислиш, но ништо не е така како што изгледа“, раскажува Арнаудов, за да ја аргументира тезата.
Досега е потврдено дека двајца од посочените пратеници, Крсто Мукоски и Жаклина Стефановска биле приведени во утринската акција на полицијата. Уапсените се гонат за „терористичко загрозување на уставниот поредок“.
Извор: ДВ