Директорот на Агенцијата за спорт и млади Дарко Каевски во интервју за Радио Слободна Европа вели дека со буџетот од 9 милиони евра се предвидува и нов младински центар во Скопје. Агенцијата одлуките ги носи во инклузивен и транспарентен процес но се уште треба да се врати довербата на младите во организирано делување, вели тој.
Дали Агенцијата за спорт и млади која постои со години успеа да се наметне како функционално тело?
Мое мислење е дека да. Со оглед на тоа дека во изминатите две години имавме доста голем број проекти кои ги спроведовме или се во фаза на спроведување и секако проекти кои се најавени и ќе се имплементираат во периодот кој следи, кои и тоа како се препознатливи како кај младите така и кај спортистите, проекти кои го помагаат нивното секојдневно делување и со тоа придонесуваат да ги подобрат условите и во спортот и кај младите.
Буџетот на Агенцијата за 2019-та е 9 милиони евра од кои над 7 милиони се за спорт, а 400 илјади евра за млади. Каде ги трошите тие 9 милиони евра?
Девет милиони евра се распределени во неколку сектори меѓу кои е и секторот за капитални инвестиции односно за спортска инфраструктура. Еден новитет е што за првпат, веќе од наредната година, во дeлот на ифраструктурата ќе се грaди капитален објект, кој ќе биде во делот на млади, односно оној проeкт кој го најавивме во делот на младински центри, ќе биде надополнет со еден голем младински центар кој ќе биде на територија на градот Скопје, а ќе биде започнат во наредната 2020 година. Тој младински центар ќе биде надополнет со мултифункционални сали, исто така ќе биде надополнет со канцеларии за млади кои ќе добијат грантови со неповратни средства за отворање на сопствени бизниси и ред други содржини кои ќе бидат пред се наменети за младите, за нивното подобро секојдневно и тековно делување. Во делот на спортот имаме голем број проекти меѓу кои најзначајни се поддршката за младинските категории, поддршката за индивидуалните спортисти од олимписките спортови, се со цел да оствариме врвни резултати во тие категории.
Целото интервју прочитајте го на следниов ЛИНК.