Пратеникот Јохан Тарчуловски, осомничен за отворање на вратите во републичкото Собрание, а кој неколку дена се води како недостапен, според непотврдени информации денеска треба да се појави пред Судија на претходна постапка.
Од скопска „единица“ се уште нема официјална потврда, но според информации кои ги пренесе порталот Судство, Тарчуловски своето доаѓање го најавил уште во текот на вчерашниот ден, односно само неколку часа по одлуката на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања за симнување на неговиот и на имунитетот на уште шестмина други пратеници за кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе кривична постапка за сторено кривично дело: Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
На локалните избори кои се одржаа во втората половина на октомври, осомничениот Јохан Тарчуловски беше кандидат за градоначалник на Општина Кисела Вода, но тој ги изгуби изборите и се врати во пратеничките клупи.
За сторени воени злосторства, Јохан Тарчуловски, од судот во Хаг, беше осуден на затворска казна од 12 години, но поради добро однесување беше ослободен пред крајниот рок.