„Ја следеше, пријавувавме во полиција“ – таткото открива морничави детали за смртта на 35-годишната Марија

Таткото на 35-годишната Марија Маринковска, Зоран Маринковски, чие тело беше ексхумирано поради сомнежи во причините за смртта, тврди дека неговата ќерка претходно пријавувала дека осомничениот Т.Б. ја следи и вознемирува, а семејството за тоа ја известило полицијата.

Во изјава пренесена од Радио Бум, Маринковски раскажува дека во последниот телефонски разговор со братот, Марија му рекла дека некој ѝ тропа на вратата и дека се плаши. Неколку дена подоцна, семејството било известено дека таа починала, а првичните информации укажувале на природна смрт.

Семејството во почетокот верувало дека станува збор за здравствени компликации. Но, по појавените сомнежи и развојот на истрагата, надлежните институции наредиле ексхумација 40 дена по погребот. Обдукцијата, како што информира семејството, утврдила дека смртта била насилна.

Таткото изнесува детали за состојбата во која била пронајдена Марија. Според неговите зборови, горниот дел од телото ѝ бил покриен со јамболија, додека долниот дел бил без облека. Тој вели дека и полицијата и лекарите на денот на смртта извршиле проверки на телото. Маринковски се сомнева дека неговата ќерка била задушена со јамболијата.

Марија живеела во Старо Нагоричане кај својот вујко, каде што со братучедот се занимавале со земјоделство. Пред неколку години, таа работела како овчарка во семејството на осомничениот.

Според таткото, Марија повеќепати им кажувала на родителите дека Т.Б. ја следи и ѝ додева. Тој случајот го пријавил во кумановската полиција, но му било посочено дека пријавата треба да ја поднесе лично Марија во полициската станица во Старо Нагоричане, што таа и го сторила. По пријавата, полицајците отишле во домот на осомничениот, но тој не бил пронајден.

Осомничениот Т.Б. се сомничи за повеќе убиства на жени и беше уапсен по убиството на 78-годишна жена во селото Челопек. Истрагата за сите случаи е во тек, а надлежните институции најавуваат целосно расчистување на настаните.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e