Поранешниот шеф на словенечката дипломатија Иво Вајгл вели дека мешањето на Русија во ситуацијата на Западниот Балкан го направило проширувањето во југоисточна Европа приоритет за Европската Унија.
Замор од проширувањето нема и во целата Унија постои волја Црна Гора што побрзо да влезе во ЕУ, кажа европратеникот Вајгл за подгоричка Побједа.
Тој објасни дека меѓу опозицијата и владата мора да постои инклузивна атмосфера, а парламентот е местото каде сите мислења треба да се вкрстат.
Европратеникот, кој за време на долгогодишната диломатска кариера беше амбасадор во десет држави, учествуваше на Меѓународната конференција на Црногорската паневропска унија, која во саботата се одржа во Подгорица.
Одговарајќи на прашањето колку Унијата сега е заинтересирана за процесот на проширување, Вајгл кажа дека нема впечаток дека настапил замор, туку дека напротив сега има впечаток дека свеста за комплетирање на Европската Унија е повторно сѐ посилна и дека расте интересот за проширување.
„ЕУ е многу заинтересирана за стабилизација на приликите на европскиот континент, а тоа ќе го нема сѐ додека југоисточна Европа не стане дел од Унијата. Кога ќе заврши процесот на интеграција ќе исчезнат и меѓусебните проблеми во регионот, а и митовите на минатото кои и денес владеат со политиката на Балканот. Во Европскиот парламент сум веќе втор мандат и знам дека Црна Гора е непроблематична идна членка и секогаш имало желба што побрзо да влезе во ЕУ“, кажа Вајгл.