Неуспехот на ЕУ на Балканот го користат Кина и Русија, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во интервју за престижниот национален британски весник „The Telegraph“.
Претседателот Ѓорге Иванов изјави дека ЕУ е заглавена во начинот на размислување од 20-тиот век и ситните внатрешни препирки, поради што не е во можност да се справи со предизвиците на денешницата, вклучувајќи ги масовните миграции и дигиталниот транснационален криминал, пишува „The Telegraph“.
Престижниот и еден од најраспространетиот британски медиум интервјуирајќи го претседателот Иванов ја анализира состојбата во Македонија низ призма на нејзините европски и евроатлантски интеграции, спорот со името и односите на ЕУ со Кина и Русија.
„Европската унија ја остава вратата отворена за кинеското и руското влијание на Балканот, поради нејзиниот апсолутен неуспех да се ангажираат и да инвестираат во регионот. До неодамна, не видовме руска инвестиција во Македонија. Но, како што Европа се повлекува, односно не опстојува на своите ветувања дека Балканот ќе стане дел од Европската унија, тоа е како повик на ЕУ до другите да дојдат и да го пополнат тој простор “, изјави претседателот Иванов за „The Telegraph“.