Обвинителството истражува дали има причинско последична врска меѓу одлуката на лекарите да не ја испратат Тамара Димовска на лекување со нејзината смрт. Тука е заглавена истрагата која трае повеќе од две и пол години. Правдата за девојчето кое почина чекајќи државата да и овозможи лекување во странство, родителите и Хелсиншки ќе ја бараат во Стразбур, пренесува Телма.
Случајот со смртта на девојчето Тамара Димовска од Велес е заглавен меѓу обвинителството и судска медицина. Две и пол години нема никаков исход од истрагата. Од обвинителството за Телма велат дека сепак се работи. Сослушани се 9-мина за кои постои сомневање дека сториле кривично дело – „несовесно работење во службата“, собрани се материјални докази но, се чекало дополнение на обдукцијата.
Ценејќи ги резултатите на извршеното медицинско вештачење и од судско – медицинската обдукција , надлежниот обвинител нареди дополнување на вештачење од Институтот за судска медицина. Во насока на комплетирање на доказниот материјал, обвинителството во два наврати испрати ургенција за добивање на побараното дополнение на вештачењето соопштија од Јавното обвинителство на РМ.
Од судска медицина потврдуваат дека е побарано дополнително мислење ама ургенции нема. Велат дека го подготвуваат и ќе го испратат неделава.
Како што дознава Телма истрагата на обвинителството е во насока да се докаже дали причината за смртта на девојчето е последишна на нејзиното неупатување на лекување во странство. За Хелсиншкиот комитет ова е повеќе од јасно, па порад намерното одолговлекување веќе ја подготвиле тужбата пред меѓународниот суд за човекови права.
Инаку девет годишната Тамара Димовска која боледуваше од сколиоза почина на 9 ти февруари 2015 година, откако претходно во неколку наврати доби негативно мислење од лекарите и Фондот за здравствено и не отиде на лекување во странство на државна сметка. Телма веќе го објави писмото од Фондот во кое на клиниките им се препорачува да не се издаваат упати за лекување во странство за болни од сколиоза оти веќе во фаза на подготовка е спиналниот центар во земјава каде такви операции ќе може да се извршуваат. Ова ќе биде само еден од доказите брифираат добро упатени извори. И покрај големиот притисок од јавноста за сега нема никаков епилог од истрагата.