Инспекторите се на терен. Растрчани сме секаде. Правиме и редовни и вонредни надзори и нивната комбинација дава резултат. Најважно е да ги следиме загадувачите и да превенираме хаварија. Работиме законите да важат еднакво за сите, дека екологијата е важна и за вработените и за раководството. Дека тие закони можеби ќе предизвикаат одредена потреба за инвестиции, меѓутоа тие инвестиции ќе ги прават постапно. Не сакаме никого да ставиме во ситуација да не може да работи, да мора да отпушта, меѓутоа ќе си дадеме сериозни рокови, кои можат да ги исполнат, за да ги намалиме емисиите.
Ова во интервју за МИА го истакнува директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска, која смета дека вистинската улога на Инспекторатот, е со присуството на терен да се направи превенција и едукација.
Соопшти дека обемот на надзори е интензивно зголемен. Во последните два месеца се извршени 100 вонредни надзори. Во 2020 година до после летото се спроведувани по 120 редовни и 25 надзори, во ноември има 147 и 40 вонредни и во декември 188 надзори од кои 60 се вонредни.
Потенцира дека е зголемен и бројот на постапувања, односно издадени решенија, дека се започнати и прекршочни постапки, а најави и кривична пријава за случај во Охрид во Даљан.
Во 2020 година, како што истакна, се издадеи 275 решенија, што значи дека во 275 надзори произлегла натамошна инспекциска постапка со корективни мерки, односно наложено им е нешто да поправат.
-За најголемиот дел корекциите се направени. Од овие 275 решенија пет се прекршочни санкции каде не се реализирани мерките од инспекторот и издадени се 19 платни налози. Овие се мерки каде морало да се плати парична казна, рече Петровска.
Таа истакнува дека досега немало кривични постапки.
-Паричната казна е санкција. Имаме и кривична одговорност. Кривичната одговорност во ниту еден случај не е применета. Не сме го примениле досега Кривичниот закон, а причината за тоа е веројатно дека кривичните постапки бараат истражни постапки, каде треба да се вклучи МВР. Таа соработка досега не била официјализирана и искористена и се она што досега се водени како постапки, се водени во рамки на законите и прекршочната постапка. Значи не кривична, вели Петровска и додава дека сигурно дека имало основни затоа, меѓутоа едноставно тие можности не биле искористени досега.
Појаснува дека тие се долги и опсежни постапки. Државниот инспекторат за животна средина нема правник, и се уште нема. -Почнавме да користиме надворешен соработник за да можеме да ја земеме под контрола оваа постапка, оти и решенијата што ги издаваме утре може да ни паднат ако правно не се издржани. Инспекторите се технички лица, а дури да се води кривична постапка, значи треба да имаме кривичар кој би можел да помогне на инспекторите да ги реализираат овие постапки. Заради недостаток на тој ресурс, правник, претпостаувам дека инспекторите воопшто не се осмелувале да навлезат во авантура да ги тераат кривичните процеси, рече Петровска.
Најави дека се очекува да се поднесе кривична пријава за случајот во месноста Даљан, каде во декември е извршено нелегално насипување земја и градежен шут, како и тоа дека е работи и на случаи за диви градби во НП Галичица, во соработка со НП, Општината и СВР Охрид и МВР.
-Не е лесна инспекторската работа, бидејќи, се борите да спроведете закон, но нашата култура дека законот треба да се спроведува навистина е поинаква и инспекцијата се чувствува како притисок. Се случува и јас да добивам повик во моментот кога влегуваме на надзор, што е сега ова каква е оваа тенденција, па ни треба време за да објаснам дека не станува збор за тенденција, туку дека тој субјект дошол на ред да се инспектира или сме имале претставка, а ако ние добиеме претставка имаме законска обврска да постапиме, рече Петровска.
Посочи дека од контролите се увидело дека има разлика помеѓу реонот на Скопје и внатрешноста на земјата.
-Има сериозна разлика. Тоа се големи компании во Скопје, повеќето се со странски капитал, каде што компанијата сопственик со седиште во ЕУ спроведува стандарди и веројатно и тие стандарди во ЕУ се построги од овие што тука се применуваат меѓутоа се далеку подобри да споредам со некои други локални помали компании, особено во внатрешноста каде што едноставно екологијата не е приоритет. Кога одиме таму прво сметаат дека сме дошле тенденциозно. Не го сметаат тоа дека е редовен инспекциски надзор, кој треба да се случува. Во многу места нашето доаѓање во тие инсталации се смета едноставно како чин на упад. Зашто, затоа што тие не се загадувачи. Зошто, едноставно затоа што битно е дека вработуваат луѓе, а не е битно што емитираат, вели Петровска.
Потенцира дека нивното присуство, укажувањата, решенија се евтини, никого финансиски не го оптеретуваат, а резултираат со намалено загадување. -Затоа велам казните кога ќе се наплатат, кога ќе отидат во буџетот, можеби значат одредено потхранување во масата на пари, меѓутоа ние правиме се да не дојде до казни, а повторно загадувањето да биде во дозволени граници. Мислам дека тоа е оптималниот пристап за една инспекција, рече Петровска во интервју за МИА.
Посочува дека граѓаните се охрабрени да пријавуваат неправилности и оти од презентацијата на платформата се пријавуваат по 10-тина дневно.
-Би рекла дека се менува состојбата. Со применување на нашата алатка, огромен број пријави ни пристигнуваат, кои се од различна природа. Осумдесет отсто не се во наша надлежност, и тоа се локални проблеми во кои навистна требало да постапуваат или комунални инспектори или овластени инспектори за животна средина. Меѓутоа ние одговараме на сите, рече Петровска.
Државниот инспекторат за животна средина го има контролниот механизам за заштита на животната средина. Во последно време се поголемо е присуството на инспекторите на терен. Контролите ги вршат само со 15 инспектори. Како се реализираат надзорите со ваква бројка инспектори и како го надоместувате недостатокот?
Малку се инспектори за сите обврски што ги имаме, но од друга страна согласно Законот за инспекциски надзор применуваме методологија за планирање на надзорите која се базира на ризик, а тој ризик се базира на потенцијалните загадувања и претходни утврдени неправилности, односно колку тој правен субјект се однесува или не се однесува во согласност со издадената дозола. Ние ги имаме тие информации и врз основа на тие информации и ги планираме надзорите.
Со други збори испуштањето на отпадни води не ни е во прв фокус, но тоа е значи дега го забораваме, меѓутоа зимскиот период кога имаме енормо загадување на воздухот сите наши инспектори се фокусирани во оние инсталации што имаат согороувачки процес на фосилни горива и таму каде знаеме дека има согорување на фосилни горива и каде што има голема шанса дека ќе се случат надминувања на вредностите над дозолените граници таму ги насочуваме нашите инспектори. Она што беше приоритет беше да ги обврземе овие загадувачи да си вршат мерења во присуство на инспектор.
Друго нешто што правиме за да го компензираме кусокот на инспектори правиме координација со овластените инспектори. Направивме еден список на сите општини во кои имаме овлатени инспектори и таму каде имаме, а во моменот постои потреба да се надополнуваме во надлежностите комуницираме и ако има некоја итност го замолуваме да појде овластениот инепсктор на терен додека ние пристигнеме итн.
Имаме одлична соработка со Инспекторатот на Градот Скопје, каде во неколку наврати во координирани акции покривме повеќе индустриски зони и тоа беше еден одличен пример како во два дена всушност да покриеме кампањски 40 или 50 инсталации одеднаш.
Тоа го направивме во кругот на Железара во два дена поминавме 40 инсталации, во ОХИС 50, во Стаклара 50 инсталации. Значи ние за 10-тина дена покривме 140 инсталации на територијата на Скопје со тие инспектори што ги имам јас и тие инспектори што ги има Градот Скопје.
Нормално тие беа кампањи не беа длабински, но беа доволни за да видат инсталациите дека сме на терен и да очекуваат дека утре подетално ќе ги проверуваме.
Вонредните ги правиме на пријава на граѓани. Значи кога некој навистина ќе се посомнева и утврди излегуваме на терен да видиме дали таа пријава била основана или не.
Целото интервју на следниов ЛИНК.