Ви пренесуваме дел од интервјуто што лидерот на ВМРО- НАРОДНА го даде за Утрински весник.
Пред 25 години Македонија во голема мера беше сигурна кон кој пат треба да тргне. Денес тоа не изгледа така. Знае ли Македонија што сака сега, а особено нејзините политички елити?
Прашањето е многу на место. Дали Македонија знае што сака по 25 години? Очигледно, не. Тоа ќе го поделам на неколку сегменти. Прво од аспект на државотворноста. По 25 години, ние не успеавме да изградиме чувство за македонската државотворност. Зборувам за сите граѓани одделно, вклучително и за самите Македонци кои се прават како носители на тој патриотизам. За мене, во поглед на начинот на кој ја замислував Македонија, ми изгледа повеќе како фалц- патриотизам отколку како реален патриотизам. Втората димензија е прашањето на демократијата. Кога ја рушевме бивша Југославија, која беше комунистичка, сметавме дека тоа што го имаме е недемократско и дека треба да влеземе во демократскиот свет. По 25 години гледам дека, за жал, повторно имаме потреба за демократија. Тој втор дел недостига и кај оние кои треба да ја носат и кај оние што треба да ја примат. На прашањето што сакаме со нашата евроатлантска интеграција повторно не знаеме што сакаме. И ако сецкаме на многу други сегменти, ќе видиме дека одговорот е повеќе дека не знаеме што сакаме отколку дека знаеме.
Пред 25 години главното прашање беше како да се изведе независноста без Македонија да биде вовлечена во вителот на југословенските војни. Тоа го изведе на најдобар начин. Каде исчезна таа мудрост сега – во корупцијата, исклучивоста, дури и омразата меѓу партиите, па и меѓу голем дел од граѓаните, во политичката пресметка до последен здив на штета на заедничките цели?
Па тоа е недостиг од државотворна свест, од чувство за државни интереси. Тоа многу јасно се гледа преку прашањето за нашата евроатлантска интеграција. Го знаеме проблемот со Грција и место политичките елити да се трудат тоа прашање да го минимизираат, бидејќи се свесни дека еден ден треба да направат компромис за да одиме понатаму, одредени политичари тоа го злоупотребија и направија нерешлив проблем. Од тоа чувство на недржавотворност ние денес не гледаме перспектива дека во наредните 15 години ќе влеземе во ЕУ и НАТО. И второто е неразбирање на основните принципи на демократијата. Демократијата си има некои непишани правила кои функционираат во нормални западноевропски држави. Еве, на Дејвид Камерон не му помина референдумот во Британија и си поднесе оставка. Јас барем три пати во мојата кариера имам покажано дека имам чувство на одговорност како политичар. Сум поднесувал оставки. Прво кога не сакав по секоја цена да направам влада за јас да бидам премиер, потоа од местото потпретседател на државата и третиот пат по изборите 2002 година кога поднесов оставка од местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што сметав дека таа политичка партија без мене ќе има подобар резултат.
Кога Македонија се осамостојуваше сите иднината ја гледаа во ЕУ и НАТО. Од каде е сега овој нагласен евроскептицизам, па дури и отворен антиамериканизам, и потребата за идентификација со Русија. Дали е тоа дел од вкупните поместувања во Европа или во значајна мера е поради разочарувањето од ЕУ и предолгото чекање на преговори за членство?
Не може да се каже дека предолгото чекање пред ЕУ е виновно за оваа состојба, затоа што ЕУ и НАТО многу одамна многу јасно ги формулираа условите за да одиме напред. Тоа е компромисот со Грција. Не знам зошто некои луѓе во политиката во Македонија се прават луди по тоа прашање, кога требаше да знаат и пред да дојдат на власт дека тој проблем ги очекува. И дека треба да го решаваат. Нема што да се лутиме ниту на ЕУ, ниту на НАТО. Тие застанаа по принципот на солидарност на страната на Грција. Ако тоа некому не му е јасно, не треба воопшто да се занимава со политика во Македонија. Овој евроскептицизам и антиамериканизам кој се форсира дополнително се засилува во контекст на последнава политичка криза. Некој сака да се вади дека тоа е прашање на заговор. Јас сум убеден дека тоа е погрешна карта, бидејќи е јасно дека целата криза е внатрешна. Затоа Специјалното јавно обвинителство треба да расчисти дали повеќе се виновни луѓето кои се блиску до СДСМ или пак комплетно се одговорни луѓето од власта кои извеле едно од најграндоманските прислушувања во историјата на Европа. Во согласност со правдата што ќе ја истера СЈО пред изборите треба има и политички консеквенции, не само правно кривични. Ако СДСМ бил дел од тоа, треба да понесе соодветни консеквенции, но ако се случи и се потврди дека на СДСМ му се само предадени прислушуваните разговори кои власта ги снимала, тогаш ВМРО-ДПМНЕ не треба ни да се појави на избори. Прво, затоа што го правела тоа на таков грандомански начин, второ затоа што две години ја блокира Македонија.
Целосното интервју прочитајте го тука.