Интерјвју на Митко Јанчев за Вечер
Му ветивте помош на премиерот Зоран Заев за гласањето за уставните измени, заедно со поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Како планирате да го исполните тоа?
– Интерпретацијата на медиумите понекогаш е лоша. Мојата и помошта на Никола Тодоров е во насока кон предизвиците со кои се соочува Република Македонија. Помошта не е лична за г. Зоран Заев, единствено сме насочени кон тоа да не дозволиме Македонија да влезе во колапс како во 2001 година. ВМРО- ДПМНЕ треба да се стреми кон Македонија која ќе биде дел од западната алијанса и дел од европското семејство, таков е и мојот стремеж.
Општинскиот комитет ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци ве праша зошто сте се договарале во хотел со Заев, ако сте за транспарентност во процедурата за уставни измени? Додека вие ветувате помош во носењето на уставни измени, партијата се огради од вашите изјави и ве повика да излезете на протест. Ќе се приклучите ли на протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ?
– Мојата средба со премиерот г. Зоран Заев во ниту еден момент не беше тајна, ние и во минатото сме имале средби и ќе имаме и во иднина. Јас како член на ВМРО- ДПМНЕ ги поддржувам сите протести против недобрата политика на СДСМ. А спротивно од тоа никогаш нема да се приклучам на лажни протести кои се само сценарио за покривање на погубната политика и прикривање на дволичноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Во какви релации сте сега со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ откако бевте разрешен од позицијата потпретседател? Сметате ли дека имате влијание да ги убедите опозициските пратеници да ги поддржат уставните измени?
– Јас сум разрешен од функцијата потпретседател, но не сум исклучен од партиските редови на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту сум имал ниту ќе се обидувам да имам влијание на пратениците во однос на нивната одлука, се стремиме кон тоа секој сам да одлучува за своите постапки. Го осудувам начинот на кој беа натерани пратениците да го дадат својот глас, зошто мораше тоа да биде поединечно, со име и презиме, бараа ли начин за, на некој начин, ги обележат!?
Можни ли се во моментов реформи кои би ја обединиле партијата?
– На ова прашање би било добро да одговори претседателот на ВМРО-ДПМНЕ г. Мицковски. Мојот е став е дека се потребни реформи и широки проевропски размислувања.
Се гледате ли себеси како иден претседател на ВМРО-ДПМНЕ?
– Во овој момент она на кое што сум фокусиран е мојата функција градоначалник на Општина Кавадарци, која ми е доделена преку довербата на граѓаните и ќе направам се што е во моја моќ за да не ги изневерам моите сограѓани. Во изминатата една година Кавадарци значително го подобри својот лик, работиме напорно и граѓаните се задоволни. Кон тоа и се стремам, кавадарчани да добијат одлични услови и да ја оправдам дадената доверба. За во иднина не можам да кажам, се во свое време.
Вие сте еден од петтемина градоначалници што ги доби ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори. Со какви предизвици се соочувате и каква е вашата перцепција за политиките на СДСМ?
Политиката на СДСМ за жал оди во погрешен правец. Многу малку реализирани проекти од она што беше ветено. Многу малку работа и дефокусираност од реалните проблеми на граѓаните. Целата политика е насочена кон националното прашање и се друго остана неисполнето. Имам чувство како се да е оставено само во рацете на г. Зоран Заев, а со тоа тој и неговиот тим ги изневерија очекувањата на граѓаните.
Извор: Вечер
