Многу благодарно е кога еден човек има можност да направи промени, кои ќе донесат бенефит за многу граѓани, посебно за некој кој растел со такви идеали, како што себе си се опишува актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, еден од најмладите во Владата.
Има 35 години.
Колку ќе успее во тоа и колку ќе ја искористи можноста да донесе добро за граѓаните, имајќи ја во предвид комплекноста на овој сектор и бројните проблеми, а малкуте пари, ќе покаже времето.
Од секогаш сум бил амбициозен и бутновник со причина
Николовски вели дека бил амбициозен уште од дете:
„Како дете често знаев да ги поведам напред останатите деца од маало, а подоцна и во училиште“.
Секако дека во тоа време во глава не му доаѓала помислата дека еден ден ќе биде министер, но сепак се надевал дека ќе работи нешто кое ќе му овозможи да прави промени.
„Секогаш бев бутновник со причина. Верував дека работите може да се променат на подобро и посакував да бидам дел од тоа“, вели тој.
Уште како дете и тинејџер ги сакал општествените науки, а интересен детал, кој е малку познат во јавноста е дека како средношколец напишал и драма „Будење“, која е објавена, а која меѓудругото зборува за правдина, правичност и солидарност.
Растел со уште еден брат, кој е поголем од него.
„Со брат ми многу се разликуваме. Имам и полусестра. Од нив добивам несебична поддршка, особено што сум најмал“.
За неговата фамилија вели дека е скромна. Мајка му е забен техничар, татко му пензионер, кој со години работел во Авто мото сојуз, а брат му е во шпедиција со години.
Вели дека неговите родители не биле баш среќни кога влегол во политика, сакале да биде адвокат, но со времето, се навикнале.
На забавите често одбирал музика
Во училиште како што вели не му одела баш математика, па затоа и запишал општа гимназија, а во тој период како тинејџер често пуштал музика на забавите во единствената дискотека во родната Крива Паланка, а како што вели е фан на хаус и комерцијална музика.
Сакал да се испроба и како радио водител, но тоа желба не му се остварила.
По завршувањето на средното училиште доаѓа во Скопје и се запишува на Правен факултет.
„Многу учев. Знам дека звучи како клише, но навистина беше така. Не ретко преполагав испити за поголема оценка“, вели Николовски.
По завршувањето на факултетот го полага и правосудниот испит, но никогаш себе си не се гледал како судија или обвинител, туку како адвокат во сферата на корпоративен бизнис, деловното право и консалтинг.
Пред да дипломира шест месеци бил во Вирџинија, САД, преку студентска размена, програма преку која студентите може и да работат.
„Таму научив што е работа и како да се осамостојам. Работев различни работи, како и секој друг студент што оди на вакви програми. Сам се грижев за себе и научив дека за да добиеш нешто треба да биде заслужено“, вели тој.
Пред да влезе во политика имал и работно искуство во фирма за анализи.
Како стана политичар
Во политика влегол случајно. Како што раскажува во неговата потесна и поширока фамилија нема други политичари.
Политиката ја видел и како одлична можност да ги реализира идеите за промени со кој растел.
Член е на СДСМ од 2000 година, а како што вели се одлучил баш за таа партија, поради нејзината идеологија.
Во 2009 година е избран за член на Советот на Општината Крива Паланка, а следната година на 24 години станува и претседател на општинската организација на СДСМ во Крива Паланка.
Во 2013 година по доаѓањето на Заев на лидерската позиција во СДСМ, станува негов шеф на кабинет, а пред да стане министер во новата Влада, беше и дел од техничката Влада пред последните парламентарни избори, како заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тој е и актуелен член на Извршниот одбор на партијата.
Целото интервју за е-Магазин на линкот тука