Интервју со Богдановиќ: Уште немаме ништо договорено со „Никофон“, ние предлагаме местото да остане како што е и сега

Преговорите со сопственикот на „Никофон“ се во тек, но уште немаме ништо договорено. Јас верувам дека во интерес на жителите ќе најдеме заеднички јазик, вели во интервју за Ипортал градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ. Тој додава дека нивното барање како Општина е на тоа место да остане паркинг, но не катна гатажа, туку онаков каков што е во моментот. Ги повика и претставниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои излегуваа со тврдење дека центата за откуп на земјиштето не била онаква каква што Богдановиќ ја истакна на прес конференција да излезат на дуел и да ги соочат аргументите.

Богдановиќ истакнува дека како општина прават многу во борбата со загадувањето, но и дека проблемот е голем, повеќедецениски и не се одненсува само на Општина Центар. Додава дека тоа е проблем на целата држава и како таков треба да се третира и да му се пристапи со сета сериозност.

Ипортал: Една недела откако Уставниот суд донесе одлука да се стопира мораториумот за градба во општина Центар додека не се одлучи дали тој е уставен и законски, вие донесовте нова одлука за мораториум за градење. До каде е мораториумот?

Богдановиќ: Забраната за издавање на одобренија за градба на територија на Општина Центар, односно таканаречениот „Мораториумот на градби“ стапи на сила од декември, 2017-та година. Досега, на Совет донесени се пет Детални урбанистички планови (ДУП-ови), остануваат да се ревидираат уште 26. Општинските служби, заедно со Комисијата за урбанизам но и планерискте куќи интензивно работат и не се сомневам дека работата на крајот ќе се заврши како што треба.

Ипортал: Кога ќе почне Општина Центар повторно да дава дозволи за градба?

Богдановиќ: Општина Центар и во моментов издава дозволи за градби, но само за оние локации каде ДУП-овите не се под мораториум. За останатите, штом ДУП-овите ќе бидат изгласани и донесени на седница на Совет, граѓаните и компаниите ќе можат да поднесуваат барања и со тоа, да добијат дозволи за градење.

Ипортал: Преговарате ли со сопственикот на „Никофон“ за катната гаража која треба да се изгради, а за која граѓаните негодуваат?

Богдановиќ: Во интерес на граѓаните и во интерес на општината е да преговараме. Преговорите со сопственикот на катната гаража се во тек, се уште немаме ништо договорено, но цврсто верувам дека на крајот, во интерес пред се на жителите, но и на сите граѓани кои престојуваат или минуваат низ градскиот центар, ќе најдеме заеднички јазик и рационално решение за просторот.

Ипортал: Кој е вашиот предлог, што да има на местото кое во моментов е сопственост на „Никофон“?

Богдановиќ: Нашиот предлог, во консултација со жителите од околните згради, е на тоа место да си остане паркинг. Сведоци сме секојдневно на реалниот дефицит од паркинг места во Центар и тој простор таму сметаме треба да остане паркинг.

Ипортал: Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа и кон вас и кон меидумите дека цената за квадрат на тоа место не била 5.600 денари, туку 61 денар. Колкава е цената според објавеното во Службениот весник?

Богдановиќ: Видете, најдобро за сите ќе биде доколку ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дали на тоа место сака да има катна гаража или не. И истото да им го елаборира на жителите на кои таа иста катна гаража неповратно ќе им го затвори просторот за движење и нормално живеење. Што се однесува до цената, доколку постојат некакви дилеми и нејаснотии, јас сум подготвен во секое време да гостувам и тоа во медиум по нивен избор, јавно да дебатираме за цената, па да може јавноста и граѓаните да ги слушнат нашите и нивните аргументи. 

Ипортал: Што доколку не успеете да се договорите со „Никофон“?

Богдановиќ: Ќе повторам уште еднаш, иако преговорите со сопоственикот се во тек, во интерес на општината и граѓаните, убеден сум дека за овој проблем ќе најдеме заеднички јазик и нормално решение.

bogdanovikj sasa

Ипортал: Училиштето Киро Глигоров го пуштивте во употреба. Колку истото има капацитети за околните згради, бидејќи ги има многу, а е сепак едно училиште во тој дел на општината?

Богдановиќ: ООУ „Киро Глигоров“ е едно од најмодерните училишта во регионот. Ако сакаме „Киро Глигоров“ да биде пример и за другите училишта во државата, тогаш мораме да се погрижиме максимално, за сѐ да биде во ред со образовниот процес на нашите деца. Најодговорно тврдам дека училиштето и во моментов има капацитети да ги прими сите деца од околните згради. 

Ипортал: Како општината се бори со загадувањето?

Богдановиќ: Општина Центар, како урбана, градска општина е подложна на влијанијата за загадување на атмосферскиот воздух, без разлика дали тоа се горењето на отпадоци, градежниот отпад, оџаците или издувните гасови на автомобилите. Во склоп на општинските инспекциски служби функционира инспекција за животна средина, која редовно излегува на терен и ги санкционира прекршителите. На сила е правилник кој го регулира дотурот на стока, со цел намалување на штетните влијанија од автомобилите и доставувачите. Мораториумот на градби е исто една таква мерка, со која значително се намалување градежниот шут, една од главните причини за загадувањето на воздухот во урбаните населби. Редовно ги мотивираме нашите вработени да користат алтернативни начини на транспорт, јас лично ретко користам автомобил. Речиси секогаш се движам пеш, сакам да се видам и да се поздравам со нашите сограѓани, да ги чујам нивните размислувања, нивните предлози. Како општина правиме многу во борбата со загадувањето, но проблемот е голем, повеќедецениски и не се одненсува само на Општина Центар. Тоа е проблем на целата држава и како таков треба да се третира и да му се пристапи со сета сериозност.

Ипортал: ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје санкционира непрописно паркирани возила. Се подобрува ли сообраќајната култура со оваа мерка и дали ќе продолжите со овој тип на санкции?

Богдановиќ: Сообраќајната култура е карактеристика на која треба секојдневно да се работи. А ние имаме уште многу работа. Но, морам да напоменам дека подобрувања има, бројот на санкционирани возачи и возила се намалува. Главната цел на ЈП „ПОЦ“ не е да биде некакво страшило и да ги брка граѓаните кои непрописно паркирале по паркинзи. Напротив, нивната работа е да воведат ред во паркирањето во општината. Активностите, но и санкциите на ЈП „ПОЦ“ ќе продолжат и понатаму, се додека има потреба од нив.

Ипортал: Колку пари од буџетот на општината се одлеваат за одржување на градби од „Скопје 2014“?

Богдановиќ: Сите градби од Општина Центар, уште на почетокот на мандатот на мојот претходник, поранешниот градоначалник Андреј Жерновски, одржувањето на сите градби и споменици од фамозниот проект „Скопје 2014“, со одлука на Совет се пренесе на Град Скопје. Оттаму, трошоците за одржување на градбите и спомениците од „Скопје 2014“ на Општина Центар изнесуваат 0 денари.

A.T.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e