Група роднини на жена почината во Ковид-центарот во болницата „8 септември“ нападнале докторка од болницата по што интервенирала полицијата.
Еден од групата насилници бил позитивен на коронавирусот поради што е спроведен во полициска станица со специјални протоколи, откако претходно бил пријавен дека заедно со други лица ѝ се заканувал на докторката.
„Лоцирани се лицата кои ѝ се заканувале на лекарката од ГОБ ‘8 Септември’. Нив ги испитува полицијата со цел да се расчисти случајот. Нема официјални податоци зошто настанал инцидентот“, изјавија од МВР.
Пријавата била дека лицата кои се заканувале се вооружени, но по прегледот, било утврдено дека немаат оружје со себе.
Не е првпат во „8 Септември“ да бидат нападнати лекарите и медицинскиот персонал. На 11 јуни интервенираше полицијата поради инцидент на одделот за интензивна нега, предизвикан од роднина на починато лице од коронавирус. По кажувањата на вработените, тие постојано се изложени на афектни однесувања и испади од членови на семејства на пациенти кои се лекуваат или кои починуваат таму од компликации предизвикани од коронавирусот.
Денеска директорот Христијан Костов изјави дека семејствата продолжуваат да ги носат заболените роднини од коронавирус многу доцна, т.е. предоцна, кога едвај може да дишат, место порано, за да има место за навремена интервенција.