Срамно е образложението дека таканаречениот Командант Хоџа самиот одлучил да се повлече од висока владина функција веднаш до премиерот заради тоа што ја сакал Македонија. Зоран Заев лаже! – велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако Шакири изјави дека се повлекува од советничката позиција.
„Ваквото однесување на Зоран Заев е срамно. Ваквото мајтапење со граѓаните, државата и нејзините институции е недозволиво. Зоран Заев и сите оние кои што ги вршеле безбедносните проверки за Командантот Хоџа и препорачале тој да биде висок функционер мора да сносат одговорност. Пред само неколку дена дури и Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го бранеше именувањето на Хоџа и не гледаше ништо спорно и контраверзно во фактот дека радикал од црната листа, чие име се поврзува и со убиство на полицаец, треба да го советува и премиерот и за полицијата“, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Од друга страна, Заев излезе со следниов став:
„Со Џезаир Шаќири-Хоџа донесовме заедничка одлука дa го раскинеме договорот, откако слушнавме што кажува, но и опозицијата што кажува“, изјави премиерот Зоран Заев.
-Транспарентни сме за се. Нашата цел беше инклузивен процес и надминување на конфликтите од минатото. Луѓе кои во минатото се гледале низ нишан, сега работаат за својата земја Република Македонија. Но, истовремено сме и луѓе кои слушаат, а реакциите беа преголеми. Слушнавме што народот кажува, што кажа опозицијата која исто така беше критичка кон ова прашање. Разговаравме со Џезаир Шаќири и заедно донесовме одлука договорот да го раскинеме – рече Заев.
Извор: Фокус