Во интервју за австрискиот весник „Стандард“ по враќањето од Скопје, еврокомесарот Јоханес Хан вели дека го поддржува предлог-законот за Јавното обвинителство и се надева дека тој брзо ќе се усвои.
Комесарот на ЕУ за проширување Јоханес Хан очекува независна и сеопфатна истрага за случајот „Рекет“. Во интервју за австрискиот весник Стандард, водено по завршувањето на посетата на Скопје и регионот, Хан го поздравува и Законот за јавно обвинителство.
„Истрагата треба да се спроведе независно и сеопфатно. Фактот дека веднаш се реагираше и започнаа истражни дејства е сигнал дека правдата функционира.
Од владата предложениот закон со кој Специјалното јавно обвинителство треба да се интегрира како независен оддел во Јавното обвинителство, ми делува како добар предлог, и се надевам дека Законот набрзо ќе се усвои“, вели Хан.
Во разговорот, Хан потенцира дека е важно да се награди Северна Македонија поради тоа што земјата ја напуштила агресивната реторика кон соседите.
„И другите влади во регионот знаат дека патот на Северна Македонија е исправен. Во многу разговори тоа ми го потврдуваат, но однесувањето и натаму е поинакво. Оттука, политичарите во Северна Македонија се добар пример за вистинска насока. Доколку Северна Македонија во октомври добие зелено светло за почеток на преговори, од што поаѓам, тогаш се надевам дека тоа ќе има позитивно влијание врз целиот регион“.
Целиот текст прочитајте го на ДојчеВеле.