Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан в понеделник доаѓа во Скопје за да провери до каде се реформите неопходни за интеграција на земјата во ЕУ. Директорот на Институтот „Интегра“ Љупчо Ристовски вели дека се потребни темелни реформи за Македонија од заробена да стане земја со консолидирана демократија.
Ристовски проценува дека владата ќе го информира Хан и за текот на преговорите со Грција за името. На почетокот на декември во Брисел се очекува средба на преговарачите на двете земји со посредникот на ОН, Метју Нимиц.
Според Ристовски, постои можност Хан да изврши притисок врз опозицијата да учествува во дијалогот Жан Моне во Париз, кој неодамна го иницираше европратеникот Иво Вајгл. Според него, Хан ќе се обиде да ги доближи опозицијата со парламентарното мнозинство, бидејќи во оваа фаза парламентарното мнозинство нема капацитет за решавање големи прашања.