Хан: Има консензус за европските реформи

Еврокомесарот Јоханес Хан и дел од македонските министри седнаа во автобус брендиран во боите на Европската унија. Се возеа од ЕУ инфо центарот до Агенцијата за вработување, како начин да го промовираат стартот на кампањата насловена „ЕУ за тебе“, која содржи мерки за вработување, едукација и социјална инклузија за кои ЕУ издвои 35,7 милиони евра.

„Бројката од околу 13.000 корисници од средствата од ЕУ за унапредување на нивните капацитети за наоѓање на работа претставува огромен придонес во развојот на нашата економија особено ако се имаат предвид и обуките за преку 1.000 просветни работници, наставници, професори, со што се подигнува квалитетот на образованието на нашите идни генерации, а што влијае на нашите компаративни предности  за натпревар на отворениот  европски пазар“, вели Бујар Oсмани – Вицепремиер за европски прашања

Со оваа кампања Хан го заокружува дводневиот престој во земјава, а вели дека по вчерашните средби со политчкиот врв, си заминува уверен дека македонските политичари се подготвени да ги преземат потребните чекори за напредок. За земјава е важно да се потрпе на владеењето на правото – рече еврокомесарот Хан, коментирајќи ги обвинувањата на лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски, кој на средбата, како што соопштија од партијата, укажал на изборни неправилности и политички прогон од СЈО кон политичари од неговата партија.

„Бидејќи сме посветени на владеењето на правото и независноста на судството, очекувам дека тоа е адекватно адресирано до надлежните институции, а дека сите коментари или препораки на ОДИХР не се само прочитани, туку дека ќе бидат земени предвид за следните избори“, вели Јоханес Хан – Еврокомесар за проширување и добрососедска политика

До крајот на годинава, Европската комисија очекува конкретни резултати од реформите во правосудството, разузнавачките служби и јавната администрација, но не и Законот за јазици, за кој Хан рече дека не е еден од приоритетите за добивање позитивна препорака за стартот на преговори за членство во Унијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e