Хајредини: Владата во петок навечер со буџет за 2017 го спасува обвинетото лице Никола Груевски

Тоа што Министерството за финансии во Петок навечер го испратила предлогот на буџет за идната година до Владата е тест за Никола Груевски да ги отвори картите до крај – дали стварно мисли да оди на избори на 11 декември, или ќе прави уште поголем хаос во државата, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии од 1992 до 1994 година и поранешен директор на Агенцијата за санација на банки.

Според Хајредини, ова е смислено сценарио на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ со предлагање на буџет за идната година уште во септември, во ситуација кога уште не е изгласан ни ребаланс на буџетот за оваа година, а Собранието треба да се распушти за помалку од еден месец, да се искомплицира целиот предизборен процес.

 „Да немаше избори, немаше ни да се носи буџетот. Тој обично се гласа во декември. Се сеќавате на 24 декември 2012, нели“, коментира Хајредини за САКАМДАКАЖАМ.МК и додава дека во нормална ситуација нема логика власта да брза со буџетот уште во лето. „Но, се наоѓаме во чувствителен период – ем треба да има избори кои се под силен меѓународен надзор, ем владејачката партија има лидер кој од вчера е и официјално обвинето лице. Со овој потег, Груевски сака да направи уште поголема забуна, а во исто време да прикаже дека сè е во ред и дека сè е нормално“, вели Хајредини.

Поранешниот министер за финансии вели дека наредните денови треба да се очекуваат уште подраматични реакции на Груевски и неговите најблиски од партијата и дека ова ќе биде тест и за опозицијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e