Поранешните тајни агенти, Горан Грујевски и Никола Бошковски вредат злато на пазарот со класифицирани информации, пишува Алат М.
Експертите од полето на безбедноста, оценуваат дека тие можат да понудат доверливи информации на грчките тајни служби, а за возврат да очекуваат да не бидат испорачани на Македонија за да им се суди за скандалот со нелегалното прислушување. Поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчевски смета дека ваква разврска е можна. Одлагањето на вчерашното судење на неразделните Грујевски и Бошковски покажувало дека тие сакале да добијат на време.
„Мора да се има во предвид таа можност дека тие навистина можат и имаат со што да се пазарат, знаејќи ја лично позицијата на Горан Грујевски и неговиот авторитет во МВР во периодот од 2006-та, па се до моментот на излагање на бомбите, Горан Грујевски има податоци и се од интерес за било која разузнавачка служба на тој таканаречен безбедносен пазар на информации.“ – изјави Љубомир Ѓурчевски, поранешен началник во МВР
Горан Грујевски и Никола Бошковски, вчера во солунскиот суд се појавија во црни тренерки. Носеа капи на главите и лисици на рацете. Беше тешко да бидат распознаени. Откако судот одлучи да се одложи судењето за лажните бугарски пасоши со кои сакаа да ја напуштат Грција, двоецот на УБК беше изнесен од судот заедно со уште триесетина лица, претежно мигранти. Според Ѓурчевски, грчката тајна служба не сака тие лесно да бидат препознаваниоткако се веќе приведени и откако се знае дека станува збор за „големи риби“.
Според грчките адвокати, неразделните Грујевски и Бошковски ќе бидат префрлени во истражен затвор. Откако беа уапсени на аеродромот во Солун биле во оддел заедно со емигранти кои исто така немале правен статус во Грција. Двоецот од УБК беа фатени додека сакале да одпатуваат за Будимпешта со лажни пасоши и идентитети. Горан Грујевски како Христо Атанасов, а Никола Бошковски како Неџби Хасан. Вчерашното судење во Солун се одложи за 1 декември бидејќи судот не можеше да обезбеди превод на македонски јазик. Адвокатите од Грција кои ги бранеа Грујевски и Бошковски посочија дека тие треба прво да одговараат за лажните пасоши, па дури потоа евентуално да бидат екстрадирани во Македонија.