Поранешниот премиер Никола Груевски во суд ја доби одлуката со која и официјално е информиран дека му е одбиена молбата за одложување на затворската казна. Пред камерите не сакаше да коментира.
Сега има право за три дена да поднесе жалба до Кривичниот совет на „скопска едница“, со што се отвора можноста да го пролонгира одењето во затвор, а требаше во четврток да се јави во „Шутка“. Следејќи ја праксата за поднесување на веќе одбиената молба, најверојатно адвокатскиот тим на Груевски повторно, но овој пат ќе испрати жалбата, на последиот датум преку пошта, за во кривичен да стаса наредниот ден. Откако жалбата ќе пристигне во судот, тогаш течат дополителни три дена за тричлениот Кривичен совет на судии да одлучат дали ќе ја прифатат жалбата или Груевски ќе оди во затвор. Ако ја потврдат одлуката на судијата за извршување на санкции, тогаш тричлениот кривичен совет на судии ќе го напишат датумот на кој Груевски ќе треба да влезе зад решетки во „Шутка“.
Додека набавката на „мерцедесот“ на Груевски му донесе 2 години затворска казна, на поранешниот премиер му се суди во уште четири предмети, меѓу кој и случајот со изборните нерегуларности „Титаник“. На судењето се слушнаа 50 телефонски разговори, а најмногу доминираше гласот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Тој во „бомбите“договара авиони од Швајцарија и Италија за луѓе да гласаат за нив на локалните избори во 2013 година. Се слуша како Јанакиевски се консултира со соговорници за тоа дали луѓето од Мала Преспа кои треба да гласаат на повеќе избирачки места да гласат и во Ресен или таму да се донесат лица со двојни лични карти од Кавадарци за да не ги препознаат по нагласокот. Во еден од разговорите, поранешната министерка Гордана Јанкуловска раскажува дека се дадени 2.000 евра на некој со прекар „снајпер“ и дека требало да бидат дадени парите кај, како што ги нарече, шиптарите и кај Србите. Разговори за изборни нерегуларности повторно ќе се слушнат во кривичен за два дена, бидејќи тогаш подолжува судењето „Титаник“.
Извор: 1ТВ
