Поранешниот премиер Никола Груевски не сака да се брани за набавката на блиндираниот мерцедес пред судиите. Алиби дека е невин дале сите сведоци кои тврдеа дека државата морала да набави безбедно возило оти тоа што го користеле било дотраено.
Со одлуката да не дава усна одбрана денеска во судот ги избегна и прашањата од обвинителите и судиите. Судијката Добрила Кацарска му порача да се подготви за завршни зборови. За Груевски, случајот завршен и очекува да го ослободат, ако судиите се водат по законите.
„Иако судот застане на страната на правдата, нема да има дилема. Ова е завршен случај со ослободителни пресуди. Во јавноста постоеја информации дека има некаков договор меѓу Заев и судијската Добрила Кацарска, со кој договор, таа ќе добие унапредување во Апелациониот суд како член или претседател, а за возврат треба него да го ослободи и да го прогласи за невин, а мене да ме прогласи за виновен.“ – изјави Груевски.
Од пет случаи во кои Груевски веќе седи на обвинителна клупа, случајот „Тенк“е првиот кој ќе стигне до судска разрешница, која се очекува до крајот на мај. ВО меѓувреме се очекува постапката одвоено да продолжи за екс министерката Гордана Јанкуловска, која беше издвоена поради ризична бременост. Иако судскиот процес се движи кон крајот, адвокатите на Груевски и поранешниот шеф на јавни набавки во МВР, Ѓоко Поповски денеска барааа изземање, за прв пат на обвинителите од СЈО, но судот ги одби.
Од бомбите на тогаш опозиционерот Зоран Заев, јавноста прв пат слушна е купен блиндиран мерцедес за 600 000 евра и дека премиерот нарачува телевизори, масажери. После шест години од набавката мерцедесот вреди 230 000 евра, а неговата цела паѓа со секој поминат ден. Постапката за неговата продажба владата ја стави во мирување додека не заврши случајот „Тенк“. Заев предизборно ветуваше дека со парите од мерцедесот ќе купи амбулантни возила.
Извор: 24ТВ