Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, има нови канцеларии во Трговскиот центар „Палома бјанка“, педесетина метри подалеку од раскошното седиште на опозициската партија, кое беше подигнато во негово време во барокен стил.Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека нивниот екслидер нема канцеларија во „белиот дворец“, каде што, наводно, се појавил само еднаш во последните три ипол месеци по смената на партиското кормило, односно откако за лидер беше избран Христијан Мицкоски. Од партијата велат дека Груевски е секогаш добредојден во партиската централа и дека за него во секое време ќе се најде слободна канцеларија.
Вработени во „Палома бјанка“ ни потврдија вчера дека Груевски закупил простор во овој објект. Сепак, на влезот на канцеларијата, која е сместена на третиот кат, нема никаков натпис. Има само безбедносни камери, налепница за обезбедување и сандаче за пошта. Нашите соговорници велат дека Груевски таму доаѓал често, но не секој ден, а одвреме-навреме се појавувале и некои од неговите соработници. Но за време на нашата посета, канцеларијата беше затворена.
„Просториите не се отворени секогаш во исто време, ама секојдневно таму се вртат луѓе“, велат вработени во „Палома бјанка“.
Иако подолго од две години не е премиер, Груевски и сега користи дел од државните привилегии како поранешен претседател на Владата, односно има на располагање шест телохранители, службен автомобил и возач. Ова му е овозможено со Законот што беше донесен пред околу пет години, кога мнозинството во парламентот го контролираше ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш беше предвидено поранешниот премиер да ги користи овие бенефиции толку години колку што бил на функцијата, за разлика од претходно кога овој рок беше само една година. Според тоа, Груевски треба да има право на 24-часовно обезбедување и на возач некаде до 2026 година.
Извор: Независен