Потврдената затворска казна од 2 години за експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и намалената казна од 6,5 на 4,5 години затвор за поранешниот шеф на набавки во МВР Ѓоко Поповски, уште немаат печат за правосилност. Одлуката на Апелациониот суд Скопје ќе стане правосилна кога судијата-известител ќе ја напише, предметот ќе дојде назад во Основниот суд Скопје 1 и тука ќе биде ставен печатот, пишува СДК..
Груевски е осуден во случајот „Тенк“ на СЈО, за незаконито влијание во набавката на луксузниот „мерцедес С-600 гард“ од безмалку 600.000 евра.
По приемот на предметот од Апелациониот суд, согласно АКМИС–електронскиот систем за процесуирање предмети, ќе биде распределен на судија за извршување санкции за понатамошно постапување. Осудените имаат рок од 3 дена да се жалат на правосилноста на одлуката.
Согласно законските одредби, судија за извршување санкции изготвува упатен акт за осудените, на кој датум, во колку часот, на која затворска капија да се јават за да го почнат издржувањето на затворските казни. Актот им се дава на осудените Груевски и Поповски и тие се должни доброволно да се јават на извршување на определената санкција. Во спротивно, ќе бидат присилно спроведени на адресите што им ги одредил судијата за извршување санкции.
Поповски веќе е на издржување на казната затвор.
