Портпаролот на грчката Влада Димитрис Цанакопулос ги демантира шпекулациите на медиумите на албански јазик дека е постигнат напредок во спорот околу името и дека е договорено Македонија да го промени името во „Република Нова Македонија“, објави грчкиот весник „Катимерини“.
– Не сме заинтересирани за многубројните шпекулации во врска со преговорите за името, туку да продолжиме со преговорите на сериозен начин, за да можеме да дојдеме до решение во наредните неколку месеци за проблемот, кој не следи 25 години, рече Цанакопулос, пренесува МИА.
Грчкиот весник „Прото тема“, вчера повикувајќи се на еден портал на албански јазик, пренесе дека Атина и Скопје, наводно го договориле името „Република Нова Македонија“.
Во меѓувреме лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис рече дека сложено име со географска одредница, име за сите и за севкупна употреба (ерга омнес) и откажување од секакви иредентистички изјави или пракси од страна на Скопје – се трите предуслови во „црвените линии“ на грчката опозиција.
Говорејќи пред партиските членови кои се одговорни за различни сектори, Кирјакос Мицотакис, според грчката новинска агенција АНА-МПА, ги претставил црвените линии на партијата и рекол дека Нова демократија нема да прифати решение само за името, доколку не се исполнат и другите критериуми.
Во однос на откажувањето од иредентизмот, објаснил дека тоа може да се случи само преку билатерален договор, а пакетот договор за името, според Мицотакис, треба да биде усвоен од ОН.
Бошњаковски: Климата исклучително подобрена, се оди кон можно решение за името
Македонската Влада во овој момент не сака да навлегува во конкретни и суштински расправи во однос на преговорите за името, но како што посочи денеска нејзиниот портпарол Миле Бошњаковски, се оди кон тоа дека постои можно решение кое би одговарало на двете страни.
– Во овој момент не би навлегувале во конкретни, специфични и суштински расправи во однос на преговорите за името, но она што е очигледно и што е јасно е дека климата е исклучително подобрена и во Република Македонија и во Република Грција и се оди кон тоа, како што неодамна најави премиерот, дека постои можно решение кое би одговарало на двете страни, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Новата рунда разговори за името ќе биде одржана во Њујорк на 17 јануари.