Расте револтот кај сточарите за неисплатените субвенции за 2025 година, за неисплатената премија за млекото за 9 месеци од 2025 и се што е заостанато од 2024 година.
Додека одгледувачите на крави, овци и кози ги чекаат субевенции, за овчарите дополнително е неизвесно кога и по која цена ќе почне откупот на јагнето.
Сточарот Тони Петковски од Велушина, претседател на здружението „Пелагониско поле“ денеска вели дека наместо исплата на премијата за млекото најавена за четвртокот, добиле „лага со опашка“ од министерот за земјоделство. Им било кажано дека по исплатата на субвенциите на лозарите и овоштарите ќе бидат исплатени и млекарите.
Сточарите се во незавидна ситуација подолг период, премијата за предаденото млеко во откупни центри е исплатена само за два односно кај некои сточари за првите три месеци од 2025 година. Додека основните субвенции за грло крава за 2025 година не се исплатени.
„Присуствував на шест средби со министерот Цветан Трипуновски што ги остваривме како сточари во 2025 и 2026 година, и на сите средби му верував дека сето она што го кажува ќе се оствари и ќе биде вистина, ама сето тоа што го зборуваше пред локалните избори во 2025 и сега на средбите во 2026 година во МЗШВ испадна лага. Сите ветувања за исплата на премијата за млекото за 2025 година, за покачувањето на цената на откупното млеко и исплатата на субвенциите за 2025 година излезе дека е голема лага со опашка“, реагира сточарот Петковски.
Тој вели дека дал првична поддршка за Програмата за 2026 година и покрај намалените средства и новите услови за субвенционирање во сточарството, се со цел да се исплатат субвенциите за сточарите оти стоката е жива материја и бара секој ден храна, што значи трошоци за сточарите на дневна основа, но ситуација не се надминала.
„Со Програмата за субвенции за 2025 беше намалена цената на сите ставки за субвенционирање, бев гласен и критикував кога министерот дојде во Општина Битола и тогаш кажав дека не се согласувам со таа програма, но за жал ништо не се смени, напротив во 2026 уште еднаш ги намалија средствата за субвенции за одледувачите на крави, а ги зголемија квотите. Лани за оставено женско теле за приплод условот беше телето да е постаро од 6 месеци, а годинава како услов за субвенции е телето да е постаро од 18 месеци, што е голема штета за сточарите“,наведува Петковски.
Сега сточарите највуваат дека ќе настапат со нови барања пред власта, во спротивно протести.
„Власта за исплата на субвенциите за 2025 го трошат буџетот од 2026 година, ќе бидеме едногласни, бараме исплата на премијата за млекото за 6 месеци од 2025 година или вториот услов е ако се исплатат 3 месеци од премијата за млекото да се исплатат субвенциите по грло стока за цела 2025. До мај да бидат исплатени сите субвенции кон сточарите, заостанати и тековни,“ порача сточарот Петковски, претседател на здружението „Пелагониско поле“.
Што се однесува до одгледувачите на овци тие се на мака кога ќе почне откупот на јагнето и по која цена. Сточари за „Независен“ велат дека тие бараат цената на јагнето да не биде под 300 денари за килограм жива мера, а откупувачите засега неофицијално нуделе од 250 до 270 денари по килограм и тоа нејасно дали за оваа цена сами кланичарите ќе ги земаат јагнињата од терен или сточарите треба со свој превоз да ги носат на кланица, што е плус трошок за нив.
„Засега никој не кажува кога и по која цена ќе ни го земаат јагнето. Се очекува средба на одгледувачите на овци со кланичарите следната работна недела, најверојатно четврток со посредство на министерот Цветан Трипуновски“, велат сточари.
Инаку, одгледувачите на овци беа најмногу оштетни со исплатата на субвенциите за 2024 година и голем дел од нив над 1.200 сточари, не зедоа субвенции со условот 50 проценти од јагнињата од бројот на овци да ги однесат в кланица. Сега со новата програма за субвенционирање за 2026 година условот за одгледувачите на овци е поприфатлив. Тие за да земат субвенции треба да однесат 30 проценти од јагнињата од вкупниот број на овци, како и да прикажа дека во регистрирани откупни центри предале 500 литри млеко, што е незначителна количина.
Но, во моментов огледувачите на овци се соочуваат со нов проблем извозот на јагне поради болеста сипаница што ја зафати стоката во два региони во државата во Липково и кумановско.
Вчера средба одржаа министерот Трипуновски со одгледувачи на овци и од таму министерот испрати порака дека –„Извозот на јагнешко месо, производи од јагнешко месо и производи од млеко добиено од овчо млеко кои биле подложни на пастеризација не е доведен во прашање.“
Дополнително, на средбата било истакнато дека –„движењето на животните од одгледувалиштата кон кланичните капацитети не е забрането, додека во сила остануваат рестрикциите за движење на живи животни и за работа на добиточните пазари. Во зависност од развојот на епидемиолошката состојба на терен се очекува кон средината на идниот месец да бидат донесени нови заштитни и контролни мерки за справување со болеста.“
Ова значи дека состојбата со болеста ќе се следи и доколку нема негативен тренд, извозот на јагне ќе почне во месец март за регионите кои не с епогодени со болеста сипаници кај овците и козите.
Извор: Независен
