Владата преку соопштение ја информира јавностa дека со посебно внимание ги прифатила и ги анализирала реакциите на претставниците на медиумите, предизвикани од настаните за време на подготовките за известување од лидерската средба што се одржа вчера во Клубот на пратеници.
Во соопштението се наведува дека владините претставници вчера настојувале да обезбедат услови за работа на новинарите и новинарските екипи, соодветно на стандардите за вакви настани и насоките кои ги имаат добиено од безбедносните институции.
„Жалиме што не постоеше можност да се направат исклучоци од однапред утврдените и обезбедени услови за работа на сите медиумски екипи“, додаваат од Владата и подвлекуваат дека до непријатната ситуација дошло при спроведување на безбедносните насоки.
Оттаму изразуваат и заложба решенијата да се бараат низ дијалог и соработка.
„Владата на Република Македонија и натаму останува посветена да применува единствен и еднаков пристап кон сите медиуми кога станува збор за јавни настани од интерес на граѓаните. Истовремено, ја препознаваме потребата од постојана комуникација со медиумите и ги охрабруваме нивните претставници редовно да учествуваат на поканите на средби на кои ќе се разговара за сите прашања поврзани со условите за најсоодветно известување“, се наведува во соопштението.
Неколкумина фоторепортери вчера не успеаја да ги фотографираат лидерите на политичките партии кои пристигнуваа пред Клубот на пратеници за лидерската средба. Припадниците на обезбедувањето не им дозволиле тоа да го направат на самиот влез на објектот.